МВР : ИМАШЕ ПРИЈАВА ЗА НЕЗАКОНСКО ГРАДЕЊЕ НО ЗАТЕКНАВМЕ ГРАЃАНИ КОИ ГО ЧИСТЕЛЕ ЦРКОВНИОТ ДВОР

0
224

Министерството за внатрешни работи, односно Секторот за внатрешни работи Тетово во текот на вчерашниот ден (09.09) постапувајќи по претходна пријава доставена до СВР Тетово од страна на инспектор за урбанизам од општина Врапчиште, направи увид на месноста викана Топли извори (меѓу селата Топлиште и Врапчиште) на локацијата на црквата „Света Петка “, каде што, наводно, според пријавата – се изведувале незаконски градежни работи на црквата.

-При увидот полициските службеници разговарале со затекнатите граѓани кои што го чистеле црковниот двор и околината на самиот објект. Притоа не се одземени никакви предмети од затекнатите граѓани, ниту пак е извршено некакво приведување. За настанот е известен надлежен ОЈО, соопштија од МВР.

Жителите на Галате денеска изјавија дека сакаат да ја обноват црквата „Света Петка“ оштетена во воениот конфликт во 2001 година.

Душко Павловски, иницијатор на обновата, вели дека нема да запрат.

-Вчера и завчера почнавме со чистењето на теренот за да ја обновиме црквата. Тоа било црква и ќе остане. Земјиштето е државно, со право на користење и од корисникот немаме никаков проблем. Ова е чиста провокација од страна на општината. Ние ќе продолжиме со работа и ќе ги тргнеме лентите поставени од градежната инспекција, рече тој за телевизија Канал 5.

Претходно денеска, Јавното обвинителство реагира по повод најавите на социјалните мрежи дека наводно се апсат луѓе кои градат верски објект во гостиварско. Тие соопштија дека нема издадено наредба за приведување на ниту едно лице, туку дека е поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во близина на пат.

-Во однос на објавените невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи, а се преземени од повеќе медиуми и се однесуваат за настан во близина на верски објект во гостиварско, Основното јавно обвинителство Гостивар ја известува јавноста дека јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице. Основното јавно обвинителство Гостивар е известено дека МВР постапува во конкретниот случај по поднесена пријава од Општина Врапчиште за недозволено вршење градежни работи во непосредна близина на магистрален пат. Работите се прекинати, а по насоки на јавен обвинител денеска полициски екипи ќе извршат увид на лице место со цел да се утврди каков е статусот на објектот и работите кои се извршувале, како и дали во целиот настан воопшто има елементи на кривично дело, велат од ЈО.