МАРИНОВСКИ : ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈОВЧЕСКИ ГИ ИЗЛАЖА ПРИЛЕПЧАНИ – ОД ПРВИ ОКТОМВРИ ПОСКАПУВА ВОДАТА

0
632

Прес конференција на Николче Мариновски, Член во Советот на О. Прилеп

Почитувани,

Бранот поскапувања кој локалните јавни претпријатија им го сервираа на граѓаните на Прилеп, зема се’ поголем замав.

Исто како „Комуналец“ и Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, од први октомври и „Водовод и канализација“ ги зголемува цените на своите услуги.

Поскапува водата за пиење, надоместокот за прочистување на отпадните води и за собирање и одведување на урбаните отпадни води,а се зголемува и надоместокот за одржување на водомерите.

Притоа, новите цени за физичките и за правните лица ќе важат само 3 месеци, а веќе од 1 јануари 2023 година, следува ново поскапување на сите услуги кои ги нуди јавното претпријатие.

ВМРО-ДПМНЕ успеа да го упропасти единственото јавно комунално претпријатие кое со години успешно функционираше со постоечките цени, без субвенции од општинскиот буџет.

Со отворање измислени и непотребни работни места за вдомување на актуелни функционери на ДПМНЕ и со унапредување на веќе вработени партиски војници, чии плати патем речено се движат помеѓу 800 и 1.000 евра, Директорот Гулабоски го доведе претпријатието на работ на рентабилност.

И покрај вработувањето на голем број т.н. советници за најразновидни измислени работни позиции, истите не успејаа да обезбедат елементарен капацитет за менаџирање на претпријатието. Тие го посоветуваа Директорот да го стави партискиот интерес пред интересот на граѓаните, па спасот за „Водовод и канализација“ Гулабоски го побара во драстичното зголемување на цените на услугите.

На секоја од седниците на Општинскиот совет, голем број советници алармираат за вработувањата на несоодветни наместо стручни лица во Општината и јавните претпријатија.

Меѓутоа, она што во овој случај не смее да се заборави, е дека поскапувањето на водата истовремено е најголемата изборна лага на оваа општинска администрација.

Имено, во изборната програма на градоначалникот Борче Јовчески, во делот посветен на комуналната и водоводната мрежа, пишува:

„Ќе направиме услови да ги намалиме сметките за вода и канализација кои ги добиваат граѓаните на Прилеп. Реално остварливо!“.

Наместо ветеното намалување, градоначалникот  ги „почести“ прилепчани со повисоки сметки, кои претставуваат сериозен удар врз семејниот буџет на граѓаните, но и врз работата на стопанските субјекти.