Очекувањата на македонскиот граѓанин од власта се минимални, и обично тој момент најмногу го гледаме кога власта “краде” од народот, сепак народот вели “па добро тие барем прават нешто”.
Народот се задоволува само со трошките кои случајно ќе паднат од нивната маса. Нашата земја се декларира како социјална држава, така слушнав на медиумите, ама јас како да живеам во некоја друга држава. Социјалците не се тоа што се по раѓање, нив ги создаде државата со своите политики и ги исплука на маргините без шанса повторно да се вратат на нормалниот достоинствен живот. Чудо е колку се нашите социјалци издржливи суштества, си ги задоволуваат своите потреби “со воздух”.
Инаку според законот за социјални работи на крајот на секоја календарска година треба да се направи усогласување на социјалната помош и порастот на трошоците и со разликата треба да се зголеми помошта за наредната година. Вакво усогласување не е направено 9 години. Криминална бандо, вратете им ги парите. За достоинствен живот не можат ни да помислат, можете ли да замислите какво е чувството кога зад фурните купуваат стар леб по 10 денари спакуван во вреќи како сточна храна и потоа истите ги шетаат по улиците до дома, додека нашата малограѓанштина си шепка од уво на уво. Какво е чувството кога во недела околу 15 часот шетаат на “растури пазар” да најдат нешто овенато за мали пари или подарено, или кога шетаат како кловнови во одамна демодирана облека со чевли два броја поголеми добиени од Црвен крст. Колкав е срамот за пакетче прехрамбени производи добиени од некого, мораат јавно да се заблагодаруваат пред камери. Дури и децата кај нас не се поштедени од безобразни новинари, а за детските трауми сами нека размислат. Молчат зошто државата ги скрила рамениците каде што можат да се исплачат.
Социјалните работници само кај нас се скриени во удобни канцеларии и само еден ден во неделата излегуваат на “на терен” по неколку часа и таму со месеци решаваат дали на некој “грешник” ќе му доделат 2000 денари. Mинистре, не е се така розево како што изјавувате. Болни, инвалиди кои живеат сами, неподвижни кои немаат како да посетат лекар. Има лица кои над 10г не биле на лекар, а матичните лекари одбиваат да ги посетат, а примаат надомест за тие посети, домашна посета немала лекар и скоро да не постои, а “брза помош” не дијагностицира, тоа е волшебниот круг.
Класната раслоеност во нашава земја е се поголема, но веќе се изгуби онаа средна класа во Македонија. Кај нас имаме или сиромашни, или екстремно богати луѓе, додека трошоците и за едните и за другите се исти. Имаме висока стапка на сиромаштија во земјава, а исто така и огромна невработеност. Минимална плата, но сепак по фабриките од источна Македонија работничките работат за 6000 денари. Невработеност наводно намалена а сето тоа поради бришење на лица од евиденцијата. Нема потреба да бараме статистички податоци за сиромаштијата во Македонија, доволно е да погледнеме околу нас и да го видиме сивилото и трулоста на ова општество.
Но не беше таква сликата која ја видовме на режимските медиуми денес како и на маршот на владините „синдикати “.
Животинска фарма, гладните свињи страдни за уште една помија од својот газда, се најдоа една карши друга. Но свињите не се како кучињата кои се верни на својот сопственик, тие денес се наклонети кон сегашниот газда, а утре кон новиот. Како и секогаш. Трагичниот момент настапува кога една обична свиња мисли дека е расен коњ, кој треба да ги води остатите кои се дел од фармата. Жално е кога ќе приметите дека има многу кокошки,кои заслепени од самоувереноста и тврдоглавоста на свињата, иако се гладни, мислат дека насекаде околу нив има просо, а всушност само го сонуваат. За жал тука кокошките забораваат еден важен момент, а тоа е дека свињите се навикнати да се валкаат во калта, тие уживаат во тоа. Нив тоа им претставува чест и задоволство за разлика од гордоста која ја поседуваат расните коњи. Расните коњи колку и да се стари, повредени, болни, а дури и запоставени, тие сепак ја поседуваат таа гордост во себе и никогаш нема да ги видите да се валкаат во калта покрај свињите. Свињите се среќни кога се долу во калта, тие и да имаат квалитетна храна ќе бидат среќни но сепак се задоволуваат со помијата. Најважно им е да им е стомакот полн, но квалитетот на месото на свињата секогаш се приметува, секогаш ќе знаете дали свињата е хранета со квалитетна храна или со помии.
Но зарем вреди да го продаде расниот коњ своето достоинство за една порција помија или за валкањето во калта? Едиствената важна работа за нив е во моментот е да им е полн желудникот, уште една помија повеќе, а дека ќе бидат заколени се свесни, животот на свињите не трае долго.
Зашто толку долго време и многу бомби му беа потребни на македонскиот граѓанин за да се освести и да создаде една критички настроена маса која ќе бара радикални промени ?
Зарем неопходно беше некој пред очи да ни турне докази дека живееме во 1984 на Орвел ? Зарем неопходно беше да ги слушаме сите оние гадости за да сфатите какви МОНСТРУМИ изгласавте ? Зарем беше неопходно да ги слушаме сите оние разговори на тие БОЛНИ умови во улога на режисери ? Или да ги читаме потресните писма на нивните жени и деца ? Уништени семејства…жртви на режимот.
Ова повеќе не е битка на СДСМ, ова е битка на сите нас. Една битка за слобода и за демократија. Битка за вистината ! Време е Македонците и Албанците, да се обединат бидејќи само една ни е татковината. Да не им дозволуваме повеќе да ја силуваат.
Затоа, сите граѓани, треба да бидеме дел од големиот сенароден протест во недела, на 17-ти мај, во главниот град на Република Македонија.
Сите заедно за Македонија, за слобода на Македонија!
Власта не треба да се плаши од опозицијата, на оваа власт сигурно ќе и се случи НАРОД.
Да ја вратиме моќта кај граѓаните ! Да ја вратиме средната класа !
Маријана Миловановиќ – дипломиран политиколог