(ВИДЕО) КОВАЧЕВСКИ, ПЕНДАРОВСКИ И МИЦКОСКИ СО ЧЕСТИТКИ ЗА АВТОКЕФАЛНОСТА НА МПЦ: ОВА Е ГОЛЕМ ИСТОРИСКИ ДЕН ЗА НАШИОТ НАРОД И ДРЖАВА

0
800

Ковачевски: Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија е историска вест и автентичен дел на македонскиот идентитет.

Премиерот Димитар Ковачевски, упати честитка по повод автокефалноста на Македонската православна црква.

Во продолжение на соопштението, ви ја пренесуваме честитката во целост:

„Почитувани граѓани,

Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет. Се радуваме заедно со сите православни христијани во нашата земја на историската вест со која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија се стекнува со автокефалност.

Оваа со векови очекувана вест е соопштена денеска на заедничката служба со Српската православна црква, на која патријархот Порфириј соопшти дека одлуката МПЦ-ОА да биде прифатена како автокефална црква ќе биде предложена пред Вселенската патријаршија со препорака таа да биде прифатена од сите православни цркви.

Нека е честит овој голем ден за сите православни верници и за сите граѓани“.

Порака од претседателот Пендаровски по повод прифаќањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја упати следната порака:

„Упатувам честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на нашата Црква во канонско единство и во евхаристиско општење.

Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество.“

Мицкоски: Да чекориме обединето кон заштита на нашиот идентитет, честитки до МПЦ-ОА и архиепископот г.г. Стефан за мудроста и премостените јазови

Голем ден за нашата света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија.

Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештеството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи.

Да продолжиме да чекориме обединето.