Со љубов за ГТЦ! Борбата продолжува!

0
2078

Морам да им честитам на храброста на сите граѓани на Центар кои вчера излегоа да гласаат на референдумот. Големо благодарам и до  сите оние кои неуморно работеа за време на целата кампања. По вчерашниот референдум  сите ја видовме волјата на граѓаните, граѓаните кажаа НЕ на кичот, стиропорот и т.н.  барок.  Референдумот на општина Центар за зачувување на автентичниот изглед на Градскиот трговски центар не успеа. Не се доби цензус бидејќи од вкупниот број гласачи, само 40 отсто го оствариле правото на глас .

marijana

Сепак, епилогот немаше да биде ваков да имавме вистински избирачки список, без гласачите од Пустец,  без сите оние лица кои беа внесени во списокот и за кои се издаваа лични карти по брза постапка за време на локалните избори од една болна фрустрација, за да не се дозволи победата на Жерновски, ах да и секако да не се откријат сите криминали во Центар.

Да беше прочистен избирачкиот список, и покрај бојкотот на ДПМНЕ ќе имаше доволно излезност, иако да бидеме искрени, цензус од 50% за референдум на локално ниво, е страшно висок, цензус кој го нема во ниту една европска држава, а и повисок цензус од оној изборот за Претседател на државата што е сосема нелогично. Процентот е толку висок поради јасни причини, што помала демократија, да се намали партиципацијата на граѓаните во креирањето на локалните политики, да не се слушне гласот на народот.

Како набљудувач на процесот на гласање мора да ги истакнам уште еднаш големиот број на нерегуларности кои се случуваа во Центар за време на гласањето. Класично во ДПМНЕовски стил, исклучување на лифтовите во висококатниците за да се спречат граѓаните да гласаат, особено старите и изнемоштени лица, големиот број на притисоци и закани кон своето членство за да се бојкотира референдумот, повторно имаше преместување на граѓаните на различни избирачки места и лица избришани од избирачкиот список.

Сепак резултатите беа одлични, особено што овој референдум кој беше прв и историски се одвиваше во тешки услови, медумски воопште не беше поддржан, барем од Македонската радио телевизија на која вистинското лице и го видовме на последните пресови на најголемата опозициона партија, бојкотот на ДМНЕ кои на крајно лицемерен начин со закани и уцени ја намалија излезноста на гласачите, а и бојкотот на претседателот Иванов многу кажува. Излезноста од близу 18.000 гласачи на референдумот од кои над 95 % беа ЗА задржување на автентичниот изглед на ГТЦ е бројка која не смее да се игнорира. Граѓаните на општина Центар јасно порачаа дека се против кичот и силувањето на општина Центар и дека тоа мора да престане !

Како што кажа градоначалникот на општина Центар господинот Андреј Жерновски, нашата битка не застанува тука и ова е прв чекор за враќање на власта во рацете на граѓаните.  Ние и понатаму ја имаме неговата поддршка, а ова беше голем успех за општина Центар, оваа иницијатива имаше поголема поддршка од било која политичка партија во историјата на локалните , парламентарните и претседателските избори во општината.

Борбата продолжува !!!

Маријана Миловановиќ – дипломиран политиколог