ОДЛУКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА БОГОЈЕСКИ ОД ДРЖАВЕН СОВЕТНИК : МИ СЕ ЗАКАНУВААТ И СО ПОГОЛЕМИ ПОСЛЕДИЦИ

0
4263

Политичкиот активист Петар Богојески добил одлука за деградирање од својата работна позиција во Министерството за одбрана, откако против него беше покрената дисциплинска постапка поради објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Одлуката за деградирање од работното место е поради однесување спротивно на одредбите на Кодексот од Законот за административни службеници, а спорниот Фејсбук статус е статусот што Богојески го објави минатата година во однос на Израел и Палестина.

Богојески за „Фокус“ вели дека ја добил одлуката од второстепената комисија, но нема да се откаже и ќе оди на Суд.

Сега за сега сум деградиран во професионалната кариера, клеветен кај политички фактори, но најавени ми се поголеми последици по мене. Јас сум тука да издржам и да продолжам во борбата со политички неранимајковци, во борбата за полна демократизација и европеизација на Македонија, вели Богојески.

„Фокус“ во петокот побара став и информација од Министерството за одбрана до каде е дисциплинската постапка против Богојески, но до објавување на текстот не добивме одговори.

Богојески пак, вели дека тој е под перманентно политичко насилство уште од времето на Груевски, но СДСМ ги преминале сите граници. Од ширење на лажни вести и дезинформации, до злоупотреба на негови јавно искажани статус, смета Богојески.

Она што беа „добронамерни предупредувања” од страна на функционери на СДСМ кон мене, за време на парламентарната кампања 2020 година, за време локални избори 2021 се претворија во закани и уцени.

ФБ статуси се само оправдување за реваншизмот на власта кон неистомислениците како мене, а вистинската приказна е што јас не подлегнувам на нивните уцени и закани и не престанувам да се спротиставувам на погрешните политики. Политичкиот реваншизам за време на оваа влада на СДСМ ја надмина и онаа на МВРО и на Груевски, смета тој.

Во однос на процесот и целата дисциплинска постапка, Богојески тврди дека се е диригирано и спроведено по партиски директиви.

Реализацијата на заканите оди многу лесно. Шеќеринска наоѓа четворица вработени во министерството од СДСМ и започнува постапка поради некоја твоја изјава за Израел и Палестина, која нема врска со МО или службата. Тие четворица гласаат тајно дека си голем престапник и носат одлука да бидеш деградиран. Следно се жалиш кај комисија во Агенција за администрација, исто формирана од СДСМ и таму викаат дека овие првите биле во право. Така се договориле во штабот на СДСМ првите и вторите, зашто сите се активисти на таа партија. Следно веќе си деградиран, па ти жали се на суд, каде исто кадија те тужи, кадија те суди, односно повторно власта притиска за одлука, тврди Богојески.

Во декември 2021 година Министерството покренало уште една дисциплинска постапка против Богојески, повторно поради однесување на социјалните мрежи. Таа постапка е во тек.