108 ВРАБОТЕНИ ОД ФИЛХАРМОНИЈАТА НЕ САКААТ ДА ГО ДЕЛАТ ОБЈЕКТОТ СО КОЛЕГИТЕ ОД НОВИОТ ОРКЕСТАР ЗА ЏЕЗ МУЗИКА

0
507

„Сакаме да ја искажеме нашата загриженост од информацијата дека ние, институција која 70 години се бореше да добие сопствен простор, кој е проектиран исклучиво да ги задоволи потребите на еден модерен симфониски оркестар, треба да отстапиме простор на уште една институција“, велат вработени од Филхармонијата. (Фото: М. Аргакијева)
Сто и осум вработени од Филхармонијата, меѓу кои и директорката Тина Иванова, се потпишани на петиција со која реагираат на владината одлука за вдомување на новоформираната национална институција „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонијата.

Владата на 21 март ја донесе одлуката која ја поздрави целата јавност, а според образложението од Министерството, „Оркестарот за џез музика“ просторно ќе се смести во објектот на Филхармонијата, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на Националната опера и балет (НОБ).
Во писмото од вработените кое е испратено до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, премиерот Димитар Ковачевски и медиумите, тие потенцираат дека ја поздравуваат одлуката, не се против колегите, но сметаат дека решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и ќе направи повеќе штета отколку полза. Тие сметаат дека не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти.

„Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во Филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел.