Џес Бејли за првиот роденден на „Пржино“: Договорот е жив!

0
1036

Договорот од Пржино е жив, но преостанува уште многу работа, вели амбасадорот на САД во Македонија за „Дојче веле“.

– Неговите фундаментални елементи – одговорност за скандалот со прислушквањето, инклузивен политички процес особено во Собранието, и реформи кои водат кон веродостојни избори – остануваат најдобриот начин за излез од сегашната политичка криза и кон интеграција во ЕУ и НАТО. Никој не кажал дека спроведувањето на договорот ќе биде лесно. Навистина имаше многу одложувања и опструкции. Сепак, една година подоцна, СЈО ги истражува прислушуваните разговори и наводите за сериозни злоупотреби кои произлегуваат од тие разговори. Се основаше понезависна ДИК, и се воведоа реформи во Изборниот законик. Многумина ми велат дека сега граѓаните се поистрајни во барањето лидерите да ги исполнат своите обврски кои произлегуваат од Пржинскиот договор – вели амбасадорот Бејли.

Тој вели дека аболицијата мора да се повлече јасно и сеопфатно, а СЈО мора да биде во состојба да ја изврши својата работа без опструкции и мешање.

– Владата мора да покаже посветеност кон плуралистичка демократија и спроведување на реформите од пржинскиот Договор. Тоа значи дела, а не зборови. Тоа значи вклучување на опозицијата, на ставот на цивилното општество, и воведување вистински систем на проверки и рамнотежа во владините структури. Без одговорност, без реформи и без веродостојни избори, Македонија ќе остане заглавена во кризата, со нарушен углед. Никој не го посакува тоа – потенцира амбасадорот.