ЈОВЧЕСКИ : МОЕТО РАБОТЕЊЕ Е ДОМАЌИНСКО, ОДГОВОРНО И ЧЕСНО, НЕ ЧУВСТВУВАМ ПОТРЕБА ДА ВИ ОДГОВОРАМ И ДА ВЛЕЗАМ ВО ДЕБАТА СО НЕСЕРИОЗНИ И ЛИЦЕМЕРНИ ЛИЧНОСТИ

0
553

Почитувани претставници на ОО СДСМ Прилеп, затоа што упорно го споменувате моето име во вашите дневно политички „видеа“ иако не чуствувам потреба да ви одговорам вам и да влезам во дебата со несериозни и лицемерни личности, сакам да се обратам до моите сограѓани.

Почитувани сограѓани,

Со цел јавноста да биди информирана и запозната со тековните активности и ситуации, од моето назначување до денес како градоначалник сум бил максимално транспарентен за буквално се што се случува во нашата општина. Затоа што, впрочем ние како Локална самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ сме тука единствено за нашите сограѓани и за исполнување нивните барања и потреби.

Моето работење од почеток ветив дека ќе биди одговорно, домаќински и транспарентно, така и ќе продолжи. Лошата политика на претходната локална власт како и сегашната антиграѓанска политика на централната власт е нешто од кое вие како СДСМ треба да се срамите и поради вашата неспособност и поради вашето лицемерие и негрижа за сопствениот народ на Република Македонија, а на локално ниво поради негрижата и безобразлукот кон сопствените сограѓани.

Конкретно за вчерашниот ден до Општина Прилеп имаше доставено Барање за користење на просторот на салата во Општината поднесено од ЕХО – Едукативно хуманитарна организација Штип, со цел организација на трибина во рамките на 16 денови активизам против насилство врз жените. Како одговорна Локална самоуправа сме одлучиле позитивно да одговориме на барањето со цел општина Прилеп да има прилика да даде придонес во реализацијата на една ваква трибина како активен чинител и да се обезбеди ефикасна заштита на жени од насилство во нашата општина.

За какви „гости“ и за каква „половина Влада“ зборувате не можам да ве разберам. Впрочем културно е ако некаде планирате да одите на гости да се најавите и да ја изнесете причината за „гостите“ или за било каква официјална средба.

Поради моите секојдневни работни активности и однапред предвидена агенда, не секогаш можам да учествувам секаде онаму каде што сум поканет и тоа мислам дека нема потреба дополнително било кому да се објаснува, иако и лично ги известив дел од структурите кои што беа вклучени во организацијата за моето вчерашно отсуство.

Премиерот и министрите кои ги спомнувате се тие од кои народот секојдневно бара одговорност заради погубната политика и кризата во која што ја втурнаа Република Македонија и буквално сите општини и сите граѓани.

За градежните активности на улицата Леце Котески ве замолувам да не дебатирате, затоа што лично јас многу пати ги посетував сите надлежни институции и министерства со цел забрзување на процедурите и подготовка и измени на потребните документации за кои што исто така многу пати се правеа некакви ревизии и свесни опструкции.

Прилеп го доби тоа што го заслужува пред една година кога беа локалните избори и кога граѓаните едногласно ви доделија црвен картон кој според правилата на играта значи дека сте исклучени заради груби прекршоци и повреда на сопствениот народ. А со тоа народот ви покажа дека вашата партиска структура во моментов, за среќа е само тесен круг на истомисленици.

Зборовите „бегање“ или „кукавички“ ќе ве замолам да ги заборавите барем во вакви јавни „видеа“ и во никој случај да не ги поситоветувате со мене како градоначалник на општина Прилеп. Многу пати и заедно со претседателот на Советот на Дејан Проданоски, реагиравме и до Министерството за внатрешни работи и до Полициската станица во Прилеп, со цел поголема сериозност во пристапот на обезбедување на поголема сигурност за нашите сограѓани во Прилеп. Сите сме сведоци со што се соочувавме изминатиов период. Јас лично сум сведок на некои работи поврзани со мојата лична безбедност на кои не сакам во моментов да се навраќам и за што сум сигурен дека сите наши сограѓани знаат. За трудот на земјоделците верувам дека самите тие се свесни за „помошта“ од владата и за тоа како им помагате со вашата „стручност“.

Господа од СДСМ, за крај, кукавички и лицемерен е вашиот однос кон граѓаните, а односот кон мене како градоначалник не сакам да го коментирам.

Јас останувам да бидам таму за каде што граѓаните ми ја дадоа потребната доверба и нема да ги разочарам нивните очекувања.

А вас ве охрабрувам еднаш засекогаш да се помирите со поразот и да бидите конструктивна опозиција.

Со почит градоначалник на општина Прилеп,

Борче Јовчески.