Јованоски: Прилеп се гордее со настапот на Мила Москов на детската „Евровизија“

0
1157

Градоначалникот Илија Јованоски, денеска во својот кабинет ја прими Мила
Москов, претставничка на нашата држава на детската „Евровизија“, која
минатиот викенд се одржа во Гливице, Полска.

Честитајќи и’ за одличниот настап и освоеното шесто место, градоначалникот
Јованоски истакна дека граѓаните на општина Прилеп, но и на целата држава
се гордеат на настапот на 14 годишната прилепчанка, која со својата изведба
на песната „Fire“ остави силен впечаток како кај домашната, таа и кај
меѓународната јавност.

Со својата интерпретација на песната „Fire“, Мила ги воодушеви и публиката и
жирито, а од интернационалниот портал „Дестинејшн јуровижн“, го доби
највисокото признание – сертификат за најдобар евровизиски пакет според
мислењето на читателите. Признанието ѝ беше врачено пред сите присутни
учесници и медиуми, низ директен телевизиски пренос на полската национална
телевизија.

Младата Мила Москова им се заблагодари за поддршката на своите сограѓани,
но и на целата македонска јавност и рече дека е задоволна од својот настап,
мислење кое го дели комплетниот наш евровизиски тим. Истовремено, таа
истакна дека искуството од детската „Евровизија“ и признанијата кои доаѓаат
од сите страни, ќе и’ бидат потстрек и силен мотив за постигнување на успеси
во нејзиното натамошно занимавање со музиката.