Јованоски : Од денешната посета на министерот за здравство, Венко Филипче констатиравме дека направената епидемиолошка анкета покажа дека актуелните мерки против пандемијата на Ковид 19 се доволни и треба да се почитуваат

0
815

Денес во својата изјава, градоначалникот Илија Јованоски потенцираше дека на
денешната средба со министерот за здравство Венко Филипче, било заклучено
дека последните епидемиолошки анкети покажале ефикасност на актуелните
мерки за справување со пандемијата на Ковид-19 и дека се’ што во овој момент е
потребно, е нивно почитување.

„Ние, како Општински кризен штаб, продолжуваме со спроведување на нашите
мерки. Со задоволство можам да кажам дека наидовме на подадена рака од
страна на здружението на матични лекари од нашиот град, чии тимови од утре ќе
започнат со волонтирање во Инфективното одделение во болницата ‘Борка
Талески’. Како што кажа началникот на ова одделение, најмногу помош им треба
во деновите од викендите. Сакам да упатам благодарност до волонтерите од
спасителната служба „Златоврв“, чија работа на терен во изминативе два дена
веќе дава резултати. Нивниот ангажман придонесе за ставање на ред пред
банките, маркетите, пазарот и на сите јавни места каде имаше групирање на
граѓани. Се’ додека има потреба од нивниот ангажман, тие ќе бидат активни“,
истакна Јованоски.

На крајот, градоначалникот Јованоски уште еднаш нагласи дека во овој момент
Општата болница „Борка Талески“ располага со доволен број на кревети за
хоспитализирање на пациенти заразени со коронавирус и дека согласно
проценките и епидемиолошките анкети, за очекување е дека бројот на заболени
од ден на ден ќе се намалува.