Јованоски : Одложена прославата на градската слава „Свети Никола“, по повод патронот на градот во функција ќе биде ставен булеварот „Гоце Делчев“

0
867

„Заради пандемијата на Ковид-19 и почитување на мерките за заштита од
вирусот, годинешното прославување и одбележување на големиот празник „Свети
Никола“, кој воедно е и патрон на нашиот град, ќе биде поразлично во однос на
претходните години. Ќе изостане традиционалниот светиниколски ручек во
центарот на Прилеп. Заедно со домаќинот на градската слава, Тони Тарунџиоски
и ‘Футура’, празникот ќе го одбележиме со наше присуство на литургијата во
црквата ‘Св.Благовештение’, кршење на погачата и палење свеќи кај параклисот
во центарот на градот“, истакна на денешната прес конференција
градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Од причина што на секое второ семејство во Прилеп „Свети Никола“ му е и
домашна слава, градоначалникот Јованоски упати апел до граѓаните на Прилеп
да ги почитуваат заострените мерки кои деновиве ги донесе Владата на
Република Северна Македонија и празникот да го одбележат само во кругот на
своето потесно семејство.

„Исто така, упатувам апел сите донесени мерки да се почитуваат и за време на
претстојните Новогодишни и Божикни празници, а од истите причини годинава
нема да се одржи ниту традиционалниот турнир во мал фудбал ‘Свети Никола’.
Она што сакам да го соопштам, е дека по повод одбележувањето на патронот на
градот, во сабота, скромно и без посебни церемонии, со почитување на сите
мерки за заштита од коронавирусот, ќе го ставиме во функција комплетно
рекоконструираниот булевар ‘Гоце Делчев’, проект кој е од исклучително значење
за нашиот град“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

„Поради ситуацијата во нашата држава настаната уште во март оваа година,
годинешното одбележување на празникот ‘Свети Никола’ ќе биде само во црквата
‘Св.Благовештение’. За се’ друго, јас прифаќам да бидам домаќин и следната
година, кога се надевам дека ситуацијата ќе биде во ред и празникот ќе го
одбележиме онака како што треба“, изјави Тони Тарунџиоски од „Футура“, кој на
сопствено барање ќе биде домаќин на градската слава и следната година, со
надеж дека тогаш празникот ќе биде одбележан согласно досегашната традиција.