ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО И МВР ПОТПИШАА ПРОТОКОЛ ЗА СОРАБОТКА

0
437

Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи денеска потпишаа протокол за соработка како резултат на шестмесечната активна работа на работната група којашто ја формирале за таа цел.
-Неопходноста од креирање на овој протокол, произлезе не само од востановената добра практика на останатите европски земји од регионот, а во насока на имплементирање на европските стандарди во работењето на институциите задолжени за спроведување на законот, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Овој протокол, како што нагласи министерот, претставува дело на полициските службеници од криминалистичката полиција кои работат на терен, кои соработуваат со јавните обвинители и точно ги дијагностицирале сегментите што имаат потреба од допрецизирање при процесот на меѓусебна соработка.
-Нашата заедничка цел е успешно откривање, докажување и спречување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка притоа водејќи сметка за заштитата на правата на жртвите осомничените и обвинетите, а во согласност со националното законодавство и потпишаните меѓународни договори, потенцира Спасовски.Спасовски е уверен дека на овој начин обезбедуваат современа алатка за поголема ефикасност на органите на прогонот истовремено нудејќи гаранција за почитување на правата и слободите на граѓаните.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески кажа дека усвојувањето на последниот закон за кривична постапка во целост ја променила улогата на јавниот обвинител во предистражната и истражната постапка. Сега во негова надлежност, како што рече, е координацијата на сите истражни дејствија и на сите делови од правосудната полиција вклучително и на припадниците на МВР со цел да се овозможи ефикасна и брза истрага и прибирање на сите докази неопходни за кривичен прогон.
-Оттука нашите две институции во секојдневната работа неминовно се упатени на тесна соработка и заеднички дејствија до цел да се спречат и разоткријат сите кривични дека и нивните сторители да бидат изведени пред лицето на правдата. Во таа насока имаме навистина многу резултати, рече Јовески.

Тој информира дека во текот на 2022 година јавните обвинителства во државата примиле нови кривични пријави против речиси 20 илјади познати полнолетни сторители на кривични дела, како и против над 1000 деца. Над 70 проценти од овие кривични пријави биле поднесени токму од МВР, што, според Јовески, укажува на важноста на нивната меѓусебна соработка и координација во постапувањето. -Протоколот којшто го потпишуваме денеска дополнително ќе ја динамизира нашата работа и ќе го усоглади нашето работење, рече Јовески.