ЃОРЃИОСКИ : 7 МЕСЕЦИ ЛАГИ И ЛАЖНИ ВЕТУВАЊА НА ВМРО-ДПМНЕ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ

0
566

Прес конференција на Александар Ѓорѓиоски – Советник во Советот на Општина Прилеп.

Почитувани сограѓани,

Ова е една од двете локации на кои требаше да никнат монтажните катни гаражи кои градоначалникот Борче Јовчески им ги вети на прилепчани.

Меѓутоа, ни после 7 месеци од практикувањето на градоначалничката функција, од ветените гаражи нема ниту трага, ниту глас.

Но, не само од нив. Ги нема ни четирите кружни текови и реконструираните влезови во градот. Нема ништо од најавената реконструкција на Старата чаршија и уреденото речно корито, десетиците километри асфалтирани улици, изградбата на водоводни и канализациски мрежи во населените места.

Граѓаните на Прилеп прашуваат што стана со ветувањето на градоначалникот Јовчески за пониски сметки за потрошена вода? Каде се најавените субвенции за клима уреди, велосипеди и грејни тела на пелети? Зошто е градот потонат во темница? Зошто прилепчани се дават во смет?

Многу прашања, ниеден одговор.

Тоа што Јовчески го нема во јавност, тоа што се крие од медиумите, што нема одговор на ниту едно советничко прашање, е најдобар доказ дека прилепчани се соочуваат со најнеспособната локална власт во историјата на Прилеп.

Почитувани,

7 месеци се повеќе од доволно време за било која владејачка гарнитура да покаже капацитетност и да започне со реализација на својата визија за развој на општествената заедница.

Во изминатите 210 дена, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески покажаа дека немаат ниту визија, а уште помалку знаење да овозможат развој на градот и населените места, а на граѓаните на општина Прилеп да им овозможат подобри услови за достоинствен живот.

Со лаги дојдоа на власт, со лажење ја одработуваат првата година од својот мандат. Затоа, никој повеќе не се надева дека се’ додека „елементарната непогода“ наречена Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ владее со нашата општина, работите можат да се сменат на подобро.

Оваа владејачка гарнитура, едноставно, толку може.

Ви благодарам.