ШТО СЕ ОДНЕСУВА ДО ГЕРМАНИЈА, МОЖЕ ВЕДНАШ ДА ГИ ПОЧНЕТЕ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ, КАЖА КАНЦЕЛАРОТ ШОЛЦ

0
624

Премиерот Ковачевски на прес-конференцијата со канцеларот Шолц кажа дека земјава повеќе не може да биде заложник на самитите на ЕУ дали ќе има датум или ќе нема датум. (Фото: Ѓ. Личовски)

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска при официјалната посета во Скопје неколку пати повтори дека Македонија ги исполнила сите услови и треба веднаш да ги почне пристапните приговори за членство во Европската унија. Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски кажа дека тој лично на Самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни, ќе се заложи да се откочи процесот поради ветото од Бугарија и да се одржи првата меѓувладина конференција.

„Што се однесува до мене, Северна Македонија може веднаш да почне со првата меѓувладина конференција, сите услови се исполнети и ние ќе се заложиме тоа да биде можно. Германија е сериозна за ЕУ интеграцијата на Западен Балкан, особено за Северна Македонија, која ги исполни сите услови. Пред 20 години на државите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива и сега е време за дела.  Се чудев на политичката сила која овозможи договор со Грција и затоа остатокот од задачата треба да ни успее. Сега треба да ги вложиме сите напори тоа да се реализира“, рече канцеларот Шолц.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата кажа дека земјава стопроценто заслужува прва меѓувладина конференција и повеќе не може да биде заложник на самитите на ЕУ дали ќе има датум или ќе нема датум.

„Подгревање на очекувања како што беше во минатото, што ќе се случи на некој самит не зависи од Северна Македонија туку дали 27 земји-членки ќе се услогласат и ќе донесат одлука за одржување на прва меѓувладина конференција. Тој во моментот зависи само од една земја-членка која држи две земји членки – Македонија и Албанија, како заложници на патот кон ЕУ“, кажа Ковачевски.

Премиерот исто така кажа дека во Бугарија спорот и преговорите се користат за политички поени.

„Ние ова прашање во ниту еден момент не го користевме за внатреполитички поени, а во Бугарија е издигнато на ниво на внатрешна политика и често пати инструментализирано, што не е добро. Затоа не ги коментирам одредените барања кои излегоа во медиумите додека преговарачите во процесот не излезат со документ прифатлив за двете страни. Во овој момент, таков заеднички прифатлив документ не постои“, рече Ковачевски.

Германскиот канцелар Шолц по посетата на Скопје денеска заминува за Софија на средба со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Извор : СДК.МК