Што купи ВМРО-ДПМНЕ во Вашингтон?

0
1308

Балкан инсајт објави опсежна анализа за резултатите на посетата на Никола Груевски на Вашингтон на 11 јануари годинава, за која тврди дека била „комплетен успех“, како и за обидите на владеjачка партија да обезбеди американска поддршка во својот конфликт со опозицијата, инвестирајќи во активности за лобирање. Дали неодамнешното благонаклоно известување во Вашингтон е доказ дека таа стратегија се исплаќа, прашува авторот на анализата што ја пренесува Бирн.

Средбата, за која Стејт департментот потврди дека е на барање на македонската страна, барала сериозно лобирање за да се одржи. Таа се случила веднаш по потпишувањето на договорот меѓу партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, и неодамна воспоставената група Дашел, фирма за лобирање основана од страна на лидерот на мнозинството во Сенатот на САД, Том Дашел (демократ од Јужна Дакота). Во првичниот договор со ВМРО од ноември 2015, до кој дојде македонската телевизија Алсат, Групата Дашел предложила таква средба помеѓу Груевски и Бајден, како и интензивно поврзување со Конгресот на САД, со Стејт департментот, со Националниот совет за безбедност и други официјални институции.

Во последните неколку месеци во САД, ВМРО постигнала договор и со други компании од Вашингтон – New Partners Consulting, Inc. и Global Security and Innovative Strategies LLC, GSIS. Вкупната вредност на овие договори достигна речиси 1,7 милиони годишно. New Partners, чијшто договор вредеше 54 илјади долари месечно, пријави во американското Министерство за правда, дека договорот со ВМРО-ДПМНЕ се откажува на 31 јануари, само неколку дена откако Груевски поднесе оставка.

Средбата на Груевски со Бајден изгледа дека имала и други ефекти, анализира Балкан инсајт. Во пресрет на средбата, беа објавени разни статии наменети за публиката во Вашингтон во кои беше нагласен интересот на Западот за реизбор на Груевски, критикувајќи ја „поранешната комунистичка” социјал-демократска опозиција и поттикнувајќи ги западните влади да ја поддржат со раширени раце македонската Влада која се нашла под притисок од миграциската криза. Ваквите текстови направија многу повеќе за видливоста на Груевски во Вашингтон отколку компаниите кои се платени за нивната работа.

Македонските опозициски социјал-демократи, СДСМ, немаат застапници ниту во Вашингтон ниту во Брисел. Се чини и дека членството на СДСМ во Партијата на европски социјалисти сè уште нема донесено такви бенефиции како што има членството на ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП, бидејќи централната левица не е на власт во повеќето земји-членки. Што се однесува до тоа какво влијание имаат напорите за лобирање на ВМРО-ДПМНЕ, тоа можеби навистина ќе се види кога тековната политичка криза во Македонија ќе се разгори следниот пат – на пример, ако изборите закажани за 5 јуни се одржат без учество на СДСМ, или ако има кредибилни тврдења за измама, заклучува медиумот.