ШТО Е МНОГУ, МНОГУ Е: Од Груевски почнаа да се отцепуваат дел од политичките сојузници, газдата на ТВ Сонце, Џорџ Атанасовски повика да се реализира договорот од Пржино за доброто на Македонија!

0
1129

Скопје, 28 октомври 2015

До Медиумите Соопштение за јавност-повик за брзо разрешување на политичката криза

Почитувани,

Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, во врска со продолжување на неизвесноста околу разрешницата на политичката криза, го соопштува следното:

Долготрајната политичка криза ја става на сериозен испит иднината на Македонија и Македонскиот народ. Граѓаните, бизнис заедницата, Македонската Дијаспора подолго време се во грч, затоа што наместо брз излез од кризата, неизвесноста од ден на ден дополнително се продлабочува.

Нашите меѓународни сојузници се загрижени за нашите Евроатлански перспективи и веќе јавно не предупредуваат за можните последици од евентуално негативниот исход за имплементацијата на обврските превземени со политичкиот протокол од Пржино.

Македонската Алијанса ги охрабрува сите инволвирани политички чинители да се посветат на доследно исполнување на обврските од политичкиот договор, кои самите ги превземаа, дефинирајќи ги како излезни решенија за длабоката политичка криза во која беше втурната Татковината.

Македонската Алијанса упатува апел до сите политички партии во Татковината да бидат на висината на задачата, да се однесуваат одговорно, да имаат чувство за состојбата со која се наоѓаме и да не се обидуваат од целата ситуација да извлекуваат дневно политички поени. Наместо да се фокусираат на тоа кој во јавноста ќе се претстави како добитник или губитник од исполнување на обврските од политичкиот договор од „Пржино“, најодговорните политички партии мора конечно да разберат дека Македонија и е повеќе од неопходно веднаш да се врати на вистинскиот колосек

Кога веќе четирите политички партии, под покровителство  на САД и ЕУ, седнаа на преговарачка маса, се потпишаа на политичкиот протокол од Пржино, сметаме дека нема друг пат, освен целосно да се спроведе секоја од јавно превземените обврки, за да се поврати политичката клима во која сите политички партии ќе се вратат на стратешките приоритети на Македонија и Македонскиот народ.

Искрено жалиме што сите инволвирани политички страни постојано паѓаат на испитот на политичка зрелост и наместо самите да ги решаваме проблемите, покажуваме дека имаме недостаток на државнички капацитет. Дури и тогаш кога мора сите да бидеме свесни дека е во прашање иднината на Македонија, не можеме да ги надминеме тесно политичките интереси, заради што самите се ставаме во ситуација да бидеме изложени на сериозен притисок и ангажман од нашите меѓународни сојузници, кои пак покажуваат дека сакаат Македонија да продолжи по стратешкиот пат на Евроатланските интеграции.

Македонија, Македонскиот народ и заедничката иднина не смеат да бидат и понатаму заложници на политичката криза. Најодговорните политички партии треба да разберат дека не се поголеми од Татковината!

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски