ШОКАНТНО: ТРАЈКО ВЕЉАНОВСКИ ПРОБАЛ ДА ГО ТРГНЕ ЛИЧНОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ЗАЕВ И СПАСОВСКИ ДЕНТА НА 27-МИ АПРИЛ!

0
2256

Со сведочењето на Сашо Тасевски вечерва во 23 часот заврши целодневното рочиште за настаните во Собранието за 27 април минатата година. Судијката Добрила Кацарска следното рочиште го закажа за 25 септември кога ќе треба да бидат сослушани четворица нови сведоци – Ацо Ангеловски, Александра Богоевска Крстановска, Маријан Митевски и Алим Алими.

Тасевски, кој е актуелен директор на БЈБ, а во времето на случувањето во Собранието беше обезбедување на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, сведочеше дека лица со фантомки се заканувале дека ќе бидат ликвидирани, ги пцуеле и ги удирале со се што ќе стигнеле.

Тој на рочиштето за „27 април“ во Кривичниот суд, посочи дека напаѓачите извикувале дека ќе ги убијат, дека нема каде да одат и оти ќе биде прогласена воена состојба.

– Во прес-центарот на Собранието бевме напаѓани со шипки, со сталаци и други предмети. Некои од луѓето носеа и боксирачи. Тој период, не знам колку траеше, се додека не дојдоа од ЕБР и не не евакуираа во канцеларијата на пратеникот  Влатко Ѓорчев, рече Тасевски, одговорајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска.

Сведокот рече дека се обидел од внатре да ја задржи вратата, но, не успеал, по што, напаѓачите влегле и почнале да ги удираат и навредуваат.

Тој кажа дека како последица на нападите врз него имал две расекотини на главата, му била изместена вилицата и имал модринки по телото.

Тасевски посочи дека попладнето на 27 април бил во близина на Собранието во службено возило, а потоа влегол во зградата и го чекал Оливер Спасовски кој бил на средба со тогашниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски. Во холот пред канцеларијата, Вељановски го прашал во кое својство е таму, на што Тасевски му одговорил дека е дојден со Спасовски. Вељаноски го прашал Спасовски зошто обезбедувањето оди постојано со него, на што тој му одговорил со противпрашање дали е тоа против закон. Вељаноски на тоа му забележал дека не личи бодигардот да оди постојано по него, на што Тасевски кажал дека не е проблем и може да почека и надвор.

На прашање на адвокатот Гоце Ристовски, сведокот рече дека имало десеттина лица со фантомки кои викале дека ќе ги ликвидираат. Адвокатот Звонко Давидовиќ го праша Тасевски, дали внатре видел специјалци, на што тој одговори дека униформирани лица видел надвор од Собранието.

– Во Собранието униформирани лица видов дури кога почнаа да не евакуираат, рече Тасевски.

Претходно во Судот сведочеа Драган Крстевски од МВР, Владимир Стојков вработен во Собрание на РМ  и Агим Нухиу, заменик министер за внатрешни работи.

Нухиу кој неколку часови сведочеше за текот на настаните во МВР за време на насилствата во Собранието на 27 април, кажа дека тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, не одговарал на неговите повици. Со Чавков, кој раководеше со оперативниот штаб, остварил контакт во 20 часот откако претходно повеќепати залудно се обидувал да го добие на телефон. Нухиу рече дека кога го прашал што се случува, а Чавков, сега обвинет во случајот, му рекол дека „се случува народ“.

Во 18 часот, рече, му пратил СМС дали следи што се случува пред Собранието и дали има можност ситуацијата да ескалира, на што тој му одговорил дека „нема таква можност и оти засега се е под контрола“. Потоа Чавков му испратил уште една порака во која го информирал Нухиу дека надвор нема проблем.

Тој рече дека кога видел дека ситуацијата ескалира, тргнал кон Собранието и го барал Чавков на телефон, но немало одговор. Потоа му пишал дека пред Собранието нема доволно полицајци. Според Нухиу, кога Чавков пристигнал во оперативниот штаб се однесувал агресивно и не му одговорил на Нухиу каде бил до тој момент.

Обвинетиот Игор Југ на судењето вербално го нападна Нухиу и на судијката Кацарска и порача дека ако сака може да го осуди и на сто години затвор. Тој праша каде е српскиот разузнавач Живаљевиќ и забележа дека им се суди на 33 Македонци, додека странски разузнавач се шетал по Собранието. Обвинетиот Јане Ченто, пак, кажа дека токму Нухиу е првиот што треба да сноси одговорност.

Вработениот во Собранието, Владимир Стојков, раскажа дека дента за главниот влез бил задолжен обвинетиот Абдулфета Алими и опишаскако пратеници ги отвориле вратите. Неговото работно место тогаш било покрај вратата од пленарната сала.

Кога дошло до тензии помеѓу пратеници, сведокот Владимир Стојков и Алими добиле насоки од началникот да го пренесат формациското оружје горе во кабинет зашто не е безбедно да остане долу бидејќи може да дојде некој да го земе и да го употреби. Кога го носеле оружјето кон кабинетот слушнале викање и кога се вратил назад кај главниот влез ги забележал пратениците.

Тој притоа посочи дека ги видел пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски како ги вадат гредите од средната врата, една од трите врати на главниот влез.  Се обидел да ја врати едната греда, а другата греда Мукоски ја фатил од едниот крај и не му дозволил да ја врати, додека пратеникот Василевски се упатил кон другата врата и ја тргнал едната греда, по што сведокот се повлекол нагоре кон кабинетот.

На претпладневниот дел од рочиштето  сведочеа и градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш и една новинарка присутна во Собранието за време на случувањата.

На ваквата целодневна динамика на судење реагираше адвокатот Еленко Миланов. Се пожали дека условите биле ненормални и оти адвокатите не можат да се концентрираат на одбраната на обвинетите. Тој смета дека за ова мора да се погрижи Адвокатската комора, Народниот правобранител и Трудовата инспекција, бидејќи, како што наведе и тие како адвокати имаат права, кои сметаат дека сега им се нарушени.