Шилегов: До денар ќе ги вратиме парите вложени во Градска куќа

0
943

Ние ќе направиме обид да продадеме еден објект што не е достоен за градот Скопје, нефункционален, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, за планот да се стави на продажба новоизградената Градска куќа, во која требаше да се смести градската администрација. Како што вели Шилегов, продажна цена на објектот ќе биде износот кој е инвестиран во неговата изградба, односно 12,7 милиони денари.

-До цент што е вложено, до денар што е вложено од граѓаните на Скопје преку буџетот на градот ќе биде вратен затоа што е тоа минималната цена од која ние ја стартуваме продажбата и под која нема да се спуштиме – посочува тој во интервју за МИА.

Градоначалникот додава дека веќе испратил писмо до сите советнички групи од градското собрание да одберат претставник, кој ќе биде надворешен член или надзор на работата за продажбата.

-Откако ќе ги добијам сите дописи и од кога ќе истече рокот тогаш ќе ја свикаме седницата на комисијата, ќе ги повикаме претставниците да присуствуваат и ќе одиме со јавен оглас. Станува збор за место што не е поврзано со јавен транспорт или нема ни паркиралиште за луѓето што треба градот да ги опслужи, место што едноставно е недостојно за главен град. Погледнете ги главните градови во Европа. Во Тирана на плоштад, во Софија на плоштад, во Љубљана на плоштад, во Сараево е на центарот… Едноставно тоа е стандардот што го сакам. Ако успееме да ја продадеме Градската куќа таков стандард и ќе запазиме – додава тој.

Во врска со проектот за изградба на пречистителна станица, тој појаснува дека веќе втора година се гради колекторскиот систем по долното течение на реката Вардар. Шилегов вели дека пречистителната станица би требало да биде пуштена во употреба во 2024 или 2025 година.

-Пречистителната станица значи дека Скопје повторно ќе има чиста река. Отпадните води што се слеваат во овој момент по цевководниот систем директно во Вардар, најпрво ќе завршуваат по колекторскиот систем што сега го градиме, ќе одат во пречистителната станица каде што така прочистени ќе бидат оставени и ќе бидат пуштени во реката – додава тој.

На Самитот за Западен Балкан, што во органзиација на Економист беше одржан во Скопје беше најавен грант од 10 милиони евра од Европската инвестициска банка. Тоа е само дел од потребните 125 до 135 милиони евра за изградба, која според проценките би се реализирала во следните две години.