ШЕФИЦАТА НА УСТАВЕН СУД, ДОБРИЛА КАЦАРСКА : ПРАВОТО НА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА Е ОГРАНИЧЕНО ПРЕД УСТАВЕН СУД

0
510

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, денеска ја отвори темата за проширување на надлежностите на Судот преку воведување уставна тужба, со која ќе се овозможи граѓаните да бараат заштита на слободите и правата и за правото на заштита на животната средина и да се надминат ограничувањата со кои може да се поднесе барање единствено за правата и слободите предвидени со членот 110 алинеја 3 од Уставот.

„Сметам дека токму правото на здрава животна средина е едно од правата на човекот и граѓанинот кое може да биде појдовна точка за размислување, дискусија и аргументирање за потребата од воведување уставна тужба, за која јас силно се залагам и која ќе значи проширување на надлежностите на Судот”, вели судијката Кацарска.

Односот на Уставот кон правото на здрава животна средина може да се увиди и преку фактот што истиот му дава предност заедно со одбраната, зачувувањето на природата и здравјето на луѓето, а поради кои слободата на пазарот и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон и покрај тоа што последните се едни од темелните вредности на уставниот поредок (член 55 став 3 од Уставот), смета Кацарска.

„Кога сме веќе кај ова прашање, една од темелните вредности на уставниот поредок е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата (член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот). Вака формулираниот текст го потенцира значењето на уредувањето и хуманизацијата на просторот што го има врз унапредувањето и заштитата на животната средина и дека е тесно поврзан со неа. Статусот на темелна вредност, пак, значи дека ова е алатка при толкувањето на другите уставни норми (вклучувајќи ја и уставната одредба за правото на здрава животна средина) и која треба да биде почитувана при донесувањето на пониските правни акти“, посочи Кацарска.

Она што е најчесто случај, кога Судот утврдува дека има повреда е во предметите во кои се оценува уставноста и законитоста на одлуките за донесување на урбанистичките планови.

„Последен пример е укинувањето на одлуката за изменување и дополнување на Урбанистичкиот план вон населено место Ски-центар Водно–Блок 3, Општина Карпош од 2015-та година, каде е констатирана повреда на уставните и законските норми од страна на Општината која не ги објавувала на веб-страницата одлуките за неспроведување, односно за спроведување на стратегиска оцена за влијанието на планскиот документ врз животната средина, иако има законска обврска“, рече претседателката на Уставниот суд.

Извор : МакФакс