Шекеринска, Османи и Сугарески: Владата им дава недвосмислена поддршка на напорите на Општина Прилеп за справување со пандемијата

0
930

Денеска во посета на Општина Прилеп присуствуваа заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Тие остварија средба со градоначалникот Илија Јованоски, на која се разговараше за состојбата во општината со коронавирусот, како и за дополнителните мерки кои треба да се преземат за заштита на здравјето на граѓаните на општина Прилеп.

„Денешната средба со вицепремиерите Шекеринска и Османи и министерот Сугарески, е резултат на перманентната комуникација која ја имаме со Владата и Централниот кризен штаб, како и на моето вчерашно барање за вклучување на Армијата на Република Северна Македонија за што поефикасно спроведување на предложените мерки за справување со епидемијата. Одговорот од Армијата стигна експресно, така што од утринските часови петнаесетина припадници на Армијата беа распоредени онаму каде што најмногу се создаваа гужви – пред банките и маркетите. Тоа, заедно со поставените налепници на кои пишува ‘Стој овде’, даде резултат.

Сакам да напоменам дека присуството на Армијата граѓаните не го чувствуваат како страв, туку како сигурност. На седницата на Општинскиот кризен штаб на која ќе учествуваат и двајцата вицепремиери и министерот, ќе разговараме за дополнителните мерки кои треба да се преземат во насока на успешно справување со коронавирусот. Исто така, пред почетокот на Велигденските празници сакам да упатам апел до граѓаните да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, од Општинскиот кризен штаб, бидејќи само со нивното почитување ќе ја победиме пандемијата“, изјави градоначалникот Јованоски.

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, изрази сочуство до семејствата на двајцата починати прилепчани од коронавирус, при што потенцираше дека бројот на новозаразени во нашата држава, како и починати во целиот свет, е во постојан раст.

„Денеска, сме во Прилеп да ја изразиме нашата поддршка и нашата солидарност, но и да покажеме дека како држава во услови на криза, реагираме брзо и ефикасно. Вчера, градоначалникот на Прилеп упати повик за поголем ангажман на нашата Армија, токму во Прилеп како една од општините каде се забележува зголемување на бројот на заразени. Денеска е забележително дека Армијата почна да функционира на еден нов начин. Уште од петокот, касарните започнаа да даваат поддршка на општините. Може да се забележи дека во Прилеп и Куманово, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но пред се’ влијае на почитувањето на сите мерки за безбедност од страна на граѓаните во секојдневниот живот. Сите сме свесни дека нашиот секојдневен живот стана многу различен, многу потежок и многу покомплициран. Меѓутоа, тоа е единствениот начин да се справиме со оваа невидлива опасност. Задачата на Армијата не е да создаде страв, туку почитта која нејзините припадници ја уживаат кај граѓаните, да помогне при создавањето на ред. Сакам да и’ честитам на Општина Прилеп, која е прва општина во државата што ги обележа местата пред маркетите и банките, со што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата. Општината го прави своето, Армијата дава поддршка, секој од нас одлучува дали овие препораки ќе спасуваат животи, или нема да се почитуваат“, потенцираше Шекеринска.

Вицепремиерот Бујар Османи, којшто е задолжен од страна на Владата да врши координација со Општинските штабови за заштита и спасување, нагласи дека со зголеменото локално ширење на коронавирусот, Општинските кризни штабови добиваат се’ поголемо значење во справувањето со пандемијата.

„Имаме блиска координација со градоначалникот Јованоски. Утринава го информирав дека имаме три нови случаи на заразени со коронавирус и еден починат граѓанин од Прилеп, со што вкупната бројка изнесува 75 позитивни и двајца починати. Локалните мерки, покрај централните, треба да продолжат да се спроведуваат. На граѓаните сакам да им честитам за охрабрувањето и дисциплината која ја покажуваат насекаде низ државата. Благодарност до Министерството за одбрана и Армијата, за дополнителната помош која им ја даваат на Општинските кризни штабови во справувањето со епидемијата. Како координатор од Владата, сакам да потенцирам дека ги ставаме на располагање сите механизми кои им се потребните Општинските кризни штабови, со цел да ја локализираме оваа зараза и сите заедно да излеземе посилни од неа“, изјави вицепремиерот Османи.

Упатувајќи сочуство до семејствата на двајцата починати сограѓани, како и желби за оздравување на инфицираните, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека посебно признание треба да им се оддаде на здравствените работници, Армијата и Министерството за внатрешни работи.

„Мора да ги почитуваме сите овие професионалци, да ги почитуваме уредбите и препораките кои ги носи Владата, со цел колку може поскоро да заврши ова зло. Сакам да испратам и една порака, дека покрај сите непознати противници, тука мислам на вирусот, секојдневно водиме борба и со лажните вести и дезинформациите, кои уште повеќе ја отежнуваат работата на Владата. Тврдам дека и Владата и ресорните министерства се максимално посветени на својата работа и прават се’ да се носат правилни и навремени мерки. За нас е исклучително важен и економскиот момент, затоа секојдневно носиме мерки со кои на одреден начин правиме олеснување на состојбата. Конкретно во мојот ресор, донесовме одлуки во делот на олеснување на сертификатите со кои работат транспортерите, меѓународниот транспорт е комплетно исклучен од полицискиот час, како и продолжување на лиценците на градежните компании, се’ со цел да ја заштитиме економијата“, нагласи Сугарески.

Денеска во Прилеп е забележан вториот смртен случај, на Клиниката за инфектологија во Скопје почина маж на 68 годишна возраст. Регистрирани се 3 нови случаи на инфицирани, а на Инфективното одделение во прилепската болница хоспитализирани се 9 лица со коронавирус, како и 5 лица сомнителни на КОВИД-19