Шекеринска: За да има демократски процес мора да има владеење на правото

0
1040

pol kl

Денеска во Европскиот парламент во Брисел започна семинарот „Развој на политичка култура и зајакнување на политичкиот дијалог за одржлива демократија” што денеска и утре се одржува во европскиот законодавен дом.

Антонио Милошоски, потпретседател на македонското Собрание и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од една страна и Радмила Шекеринска, Љупчо Јосифовски и Лидија Димова, претставени од организаторот како пратенички од СДСМ и НСДП, дебатираат за политичката култура на овој меѓупарламентарен семинар со пратеници од другите земји-кандидати за членство во Европската унија и со европратениците.

Од Македонија, покрај Милошоски, Шекеринска и Димова, на овој семинар ќе присуствуваат и Талат Џафери (ДУИ), Љубица Буралиева и Имер Алиу (ДПА).

Заедно со македонската парламентарна делегација во Брисел е и генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, Жарко Денковски.

Според Милошоски, овој настан не е случаен, ниту пак изборот на учесниците. Тој смета дека овој семинар може да се искористи од европратениците како едно нивно согледување за позициите и ставововите на политичките актери во Македонија, за потоа да им користи во нинвата добронамерна мисија да го поттикнат политичкиот дијалог во Република Македонија.

– Она што е наш став како политичка партија е дека ако имаме волја да развиваме полтички дијалог во Европарламентот, нема причина зошто истото да не го сториме во Собранието. Бојкотирање на било кој парламент е и бојкотирање на демократијата. Демократија значат избори, на нив се добива доверба и не значи дека довербата е трајна и дадена еднаш засекогаш, но ако истата биде доведена во прашање и биде тестирана, повторно, куќа каде тоа треба да се стори е Собранието на Република Македонија. Затоа, очекувам ваквиот развој на настаните да може кај сите политички чинители во Македонија да ја зголеми свеста дека секое решение, секоја критика и политичка алтернатива, треба и може да се најде само во Собранието на Република Македонија, истакна Милошоски пред дебатата.

– Европската унија неколкупати испрати пораки, не само кон Македонија, туку кон целиот регион, дека за да имате демократски процес, морате да имате владеење на правото. Снимките што македонската опозиција ги објави и за жал не успеаја да продрат низ јавниот сервис што ја има обврската да ги информира граѓаните, а покажуваат дека во Македонија, правната држава, елементарното право е мислена именка, посочи Шекеринска.