Шекеринска: Договорот ќе биде уште на сто теста, не само на 31 август

0
995

Она што е предност на договорот меѓу четирите политички партии, постигнат вчера, е тоа што се воспостави правилото да не може да се оди на избори без претходно да се констатира дали условите се исполнети, вели заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска во интервју за „Телма“.

Таа вели дека не постои договор без слаби точки, но дека „не е важно само што е на хартија“, туку дека клучното во целата ситуација ќе биде тоа „што ќе се случува реално“.

„Договорите имаат слаби точки затоа што се резултат на долг преговарачки процес. Она што мислам дека е системска предност на договорот е тоа што се воспостави правилото, на кое што инсистираше и јавноста, а инсистиравме и ние во преговорите, а тоа е дека не може да се оди на избори без претходно да се констатира дали условите се исполнети или не се исполнети. Мислам дека тоа е она што е различно од Договорот од Пржино, кој што претпоставуваше дека многу работи ќе се случат, а потоа ќе има избори, но немаше датум на кој што ќе се процени дали договореното е исполнето“, вели Шекеринска во интервјуто.

Во врска со реакциите на новинарските и медиумските здруженија околу делот од договорот кој се однесува на реформите во медиумите, Шекеринска вели дека ако немало никаков договор, нема да има ниту медиумски реформи.

Целта на овој договор е да обезбеди шанса за какво-такво балансирано пренесување на информациите од страна на медиумите до изборите. Медиумските реформи се пакет, за кои ние како партија се обврзавме и направивме се што можеме. Со овој собраниски состав толку може. Ако немаше договор ќе немаше медиумски реформи. Тоа е мнозинството во Собранието. Во Македонија работите ќе треба да ги измениме на избори“, вели заменик-претседателката на СДСМ.

Според неа договорот може да покаже резултати на 31 август, кога партиите треба да утврдат дали договореното е исполнето, а клучните резултати, вели Шекеринска, ќе бидат до денот на изборите.

„Така што овој договор ќе биде уште на сто теста, не само на 31 август…Ако немаме договор ќе ја имаме оваа нелегитимна влада, со овој нелегитимен парламент, избрани на фалсификувани избори. Нашата цел е да ја смениме таа реалност и да почнеме во Македонија да добиваме институции во кои имаме верба и кои светот ги смета за кредибилни и легитимни. Она што мислам дека треба да се добие е да се затвори ова поглавје на еден договор, втор договор, кризи, различни позиции. Тоа што е договорено да се испочитува, ако тоа се случи Македонија може да добие шанса да заврши со кризата“, заклучи Шекеринска.

Извор: Мета