ШВЕДСКА ПРВА ВО СВЕТОТ ЌЕ ДОБИЕ ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОПАТ, ВОЗИЛАТА ЌЕ СЕ ПОЛНАТ ВО ТЕКОТ НА ВОЗЕЊЕТО

0
455
Шведска ќе биде првата земја во светот која ќе добие електричен автопат, а до 2045 година би можела да има дури 3.000 километри електрични патишта.

Откако Европската Унија минатиот месец го усвои законот според кој сите нови продадени коли треба да имаат нула емисии на јаглерод диоксид од 2035 година, европските земји брзаат да ја подготват инфраструктурата која е потребна за движење без гориво, пишува Euronews.

Шведска моментално работи на електричен автопат – првиот во светот кој ќе работи на овој принцип.

На електричниот автопат, електричните автомобили и камиони ќе можат да се напојуваат со енергија за време на возењето.

Експертите велат дека ваквото динамично напојување ќе дозволи електричните превозни средства да патуваат на долги дистанци и покрај малите батерии, но и дека принципот ќе го спречи долгото чекање на станиците за електрично напојување.

Шведска е пионер во градење на електрични патишта, а процесот вклучува неколку пилот проекти, меѓу кои и првиот привремен електричен автопат.

„Сметаме дека ваквото решение може да помогне во достигнување на целта за ослободување од загадувањето за кое придонесува транспортниот сектор, но работиме и на други решенија“, изјавил Јан Петерсон, претставник на шведската транспортна администрација.

Избраниот автопат, европската рута Е20, ги поврзува логистичките центри меѓу Халсберг и Оребро, лоцирани во средината на трите големи градови во земјата, Стокхолм, Гетеборг и Малме.

Извор: Klix.ba