ШАХПАСКА : НЕГОТИНО ЌЕ ДОБИЕ НОВА ГРАДИНКА

0
828

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска оствари средба со градоначалникот на општина Неготино, Тони Делков, и директорката на ЈОУГД „Фемо Кулаков“ Неготино, Јана Митрева Коцева.

На средбата се разговараше за последните подготовки на новата градинка во Неготино, која со својот капацитет од 169 деца ќе стави крај на листите на чекање во детските градинки во оваа општина. Според планот и текот на работите се очекува во наредните два месеци градинката да биде ентериерно целосно решена, и во месец август објектот да биде отворен.

„Посветено работиме на зголемување на капацитетите во градинките со единствена цел што е можно повеќе деца од предучилишна возраст да бидат згрижени. Новата градинка во Неготино ќе овозможи сместување на сите деца од предучилишна возраст во детска градинка. Тоа е резултатот на нашата работа и нашите заложби.” – истакна Шахпаска.

Оваа детска градинка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги во Република Северна Македонија кој се спроведува врз основа на наменски заем кој Владата на РСМ го доби од Светска Банка. Објектите кои се градат се квалитетни и енергетски ефикасни предучилишни установи кои обезбедуваат најдобри можности за учење соодветно на возраста. Исто така воспоставени се нови стандарди и нормативи за градинките, со што просторот во кој децата престојуваат треба да биде уреден согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра.

Министерката најави дека до крајот на годината ќе бидат отворени уште тринаесет нови градинки, кои ќе го зголемат капацитетот на деца за 1.400 места.