„Шарените патриоти“ ги шараат ѕидовите на институциите

0
1388

Пишува: Жарко Стеваноски

Непосредно пред Новогодишните празници, поминувајќи пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ необична глетка ми го привлече вниманието: качен на скеле монтирано пред самиот влез од „храмот на културата“, со четка во рацете, директорот на Центарот Тони Чатлески ја шара неговата фасада! Тргнувајќи од сознанието дека Советот на Општина Прилеп нема донесено Одлука со која би дозволил на овој јавен објект да се испишуваат графити, што е согласно Законот за јавна чистота, одлучив да ја ставам на тест функционалноста на институциите и односот на Полициската станица (ПС) Прилеп кон директорот Чатлески.catle-225x300

Пиејќи го првото кафе во еден од угостителските објекти наспроти Центарот за култура, случајот телефонски го пријавив во ПС Прилеп, од каде ми беше речено дека веднаш ќе испратат службени лица. Бидејќи и после получасовно чекање од полицајците немаше ни трага ни глас, лично отидов до Полициската станица при што надлежните ме известија дека од тука натаму постапката ќе ја води МВР. Сепак, не испуштив пријавата да ја поднесам и на писмено.

Она што потоа следуваше беше следното: без претходно да утврди дали за преземените дејствија на директорот на „Марко Цепенков“ постои Одлука на општинскиот Совет, или пак дали е издадено одобрение од Владата на РМ која е сопственик на зградата на Центарот за култура, МВР-ПС Прилеп писмено ме извести дека не бил констатиран прекршок по Законот за јавна чистота. Освен што до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при ПС поднесов барање за преиспитување на постапувањето на службените лица кои констатирале дека не постои прекршок по Законот за јавна чистота, се обратив и до комуналната инспекција. На моето прашање што презеле комуналните инспектори при ЕЛС Општина Прилеп, до ден денес немам добиено одговор.

Бидејќи во изјава за еден локален медиум директорот Чатлески кажа оти сликањето на муралот на фасадата на Центарот за култура било проект на Друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП) и Општина Прилеп, решив да ја проверам точноста на неговото тврдење. Очекувано, од ДЛУП „одговорија“ со молчење, додека пак од прилепската локална самоуправа ми одговорија дека општинскиот Совет не донел никаква Одлука со која би дозволил цртање или пишување графити на фасадата на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Чл.33 од Законот за јавна чистота е јасен и вели дека секој оној што спротивно на чл.17 од истиот Закон на јавни објекти испишува графити, црта или лепи плакати, ќе биде казнет со парична казна во висина од 50 евра. Од причина што МВР-ПС Прилеп се стави во заштита на директорот на Центарот за култура со цел да го поштеди од парична казна од 50 евра, до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесов кривична пријава против НН службени лица во МВР-ПС Прилеп. Пријавата се однесува на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања со неизвршување на својата службена должност“.

Искрено, се надевам дека службените лица од Инспекторатот при Општина Прилеп нема да се дрзнат да го земат во заштита директорот Тони Чатлески само за да му заштедат 50 евра. И не само заради тоа, туку пред сѐ заради учесниците на „Шарената револуција“ на кои им беа изрекувани казни без претходно да се запазат законските процедури, со што истовремено ќе покажат дека сите граѓани имаат еднаква одговорност кога станува збор за почитувањето на законот.

Извор : Публикум