Шарените бараат институциите да го расветлат случајот, а Спасов да понесе одговорност за стореното!

0
1107

Група граѓански активисти денеска одржаа прес конференција на крстосницата меѓу улиците Алжирска и Багдадска во Тафталиџе, каде што завчера вечер дополнителниот заменик министер Диме Спасов имаше сообраќајка и се обиде да ја избегне одговорноста.

Темата на прес конференцијата беше „Бегање од одговорност на државите функционери“.

Изјави за медиумите дадоа граѓанските активисти Влатко Васиљ и Павле Богоевски.

Тие побараа институциите да го расветлат случајот,а Спасов да понесе одговорност за стореното.

-Да се разбереме – ние не сме денес тука затоа што Диме Спасов се забавувал. Ние сме денес тука, бидејќи тој постапил на начин кој не му доликува на кое било пристојно човечко суштество, а уште помалку на висок државен функционер.Прво, влегол во возило кога не смеел да влезе и искршил се што му се нашло на патот.

Второ, избегал од полицијата и од местото на настанот. Оставајќи ги зад себе другите учесници во несреќата. Потоа, друго лице дојде да ја лаже полицијата и да се жртвува за да го спаси угледот на младиот заменик министер, кажувајќи дека тој управувал со возилото – рече Богоевски.

За граѓанските активисти е проѕирна изјавите на неговите адвокати и пропагандната машинерија на владеачката партија.

– Смислија најновата лага – дека Диме Спасов бил нападнат од „осудени криминалци со албанско етничко потекло кои имале дебели полициски досиеа“, па тој едноставно морал да бега и да крши се пред себе. Исто така, полицајците кои конечно го запреле по неговото десетминутно дивеење по скопските улици, му се виделе сомнителни, па морал да избега и од нив – рече Богоевски.

Влатко Васиљ посочи дека активистите немаше да бидат тука ако Диме Спасов веднаш преземеше одговорност за своите постапки.

– Неговата неодговорност и прикривање повлече сплет на настани што резултираа со уште поголеми лаги, манипулации и презентирање на лажни факти пред јавноста -рече Васиљ.

Тој посочи дека граѓаните бараа Министерството и Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни дејствија за расветлување на случајот и санкционирање на сторителите.

– Истовремено, потсетуваме дека и давањето лажен исказ и лажното пријавување кривично дело се посебни кривични дела за кои мора да постои одговорност.

Мора да го оставиме зад нас времето кога луѓето кои треба да го постават примерот за граѓанско однесување се однесуваат како шерифи кои се над законот. МВР да покаже професионалност и одговорност во своето работење, а со тоа да почне да ја враќа вербата на граѓаните во оваа институција. На граѓаните им треба ВЛАСТ што е под НИВНА КОНТРОЛА И НАДЗОР, а не обратно – рече Васиљ.