ЦРНА ЧУМА ЈА УНИШТИЛА БИТОЛА: Двојче оставил долгови од 12,5 милиони евра, новата власт ќе треба 3 години да ги враќа за да излезе на нула!!!

0
1851

Долг од 12.491.350 евра ѝ остави ексградоначалникот Владимир Талески на новата градоначалничка на Општина Битола, Наташа Петровска. Од нив 3.339.211 евра се обврски кои треба да се исплатат по основ на пристигнати фактури за извршени работи, гаранции и други финансиски документи, а 9.152.139 евра по основ на потпишани договори на кои во најголем дел рокот на плаќање им е поминат. Со вакви долгови Oпштината е неликвидна, постои опасност од блокирање на сметката, а ѝ тежат и повеќе извршни судски решенија за наплата.

Овие разочарувачки бројки, како што рече градоначалничката Петровска на денешната прес-конференција, не се паушални и произволни оцени, туку податоци врз основа на стручно комисиски изведен попис од вработени во Општината. За време на пописот имало и службеници кои саботирале, па им порача „сè ќе излезе на виделина, а оние кои се огрешиле ќе треба да одговараат“.

„Општината во овој мoмент е со неликвидност, односно немала и нема можност редовно да ги плаќа обврските кон своите добавувачи согласно законот за фискална дисциплина. Во моментот нема толку средства за да се исплатат, но останува тоа да се изменаџира во следниот период со должниците и да ги избегнеме судските тужби“, рече Петровска.

Таа обвини дека поради превисоките трошења и ненавремени плаќања, Oпштина Битола само во текот на оваа година по извршни судски решенија исплатила над 23 милиони денари.

„Во моментот Oпштината е тужена за позамашни суми, а тужбите се интензивираат во последно време. Ова наметнува прашање дали постои поврзнаност помеѓу некои добавувачи и поранешното раководство да чекаат за наплата на своите побарувања и потоа на крајот на мандатот да тужат и да ја блокираат работата на Општината“, рече Петровска.

Таа додаде дека се потрошени и парите за инфраструктура и други зафати за следните три-четири години. Споредбено со вкупните годишни приходи на Општината, преземените обврски се околу буџетот за една и пол година. Рече дека Општината во следните две-три години ќе мора да го покрие долгот од скоро 13 милиони евра наследен од ексградоначалникот.

Во исплатите на долговите имало и привилегирани фирми.

„Бодат очи некои исплати на пример, за таканаречениот ‘Бит фест’ за кој годинава се исплатени повеќе од 220.000 евра. Силно ја подржувам културата, но се спротивставувам под закрилата на културни манифестации да се вршат исплати на привилегирани поединци“, рече Петровска.

За консолидација на финансиската ситуација во понеделник ќе биде донесен ребаланс на буџетот, со кој што меѓу другото ќе се обезбедат пари и за плати во спортските клубови, но и за договорните вработени во Општината, кои претходната власт ги зеде на работа, но не обезбеди пари за до крајот на годината.

Понатаму, ќе се изработи посебна програма која ќе се состои во консолидација на буџетот за следните години. Сепак, од развојните проекти нема да се откажат, оти како што рече Петровска „развојот на градот нема да запре поради нечие расипништво во Општината“. Најави дека ќе побара од Државниот завод за ревизија да изврши ревизија врз работењето на Општината.

Додаде дека ова не го соопшти за да кука или да се обесхрабрува граѓаните во остварувањето на поставените цели, туку транспарентно да ја извести јавноста за тоа како досега се работело.

Извор : СДК