ЦИВИЛ со нова серија семинари за слободни избори

0
887

цив8ол

ЦИВИЛ – Центар за слобода започнува нова серија семинари на тема „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ кои се во рамките на истоимениот проект на ЦИВИЛ. ЦИВИЛ ќе одржи семинари за слободни избори во Куманово, Битола, Охрид, Штип и Гевгелија. Предност за учество на овие семинари имаат членови и поддржувачи на ЦИВИЛ, како и оние што ги предлага соодветниот регионален координатор во наведените градови.

Учесниците на семинарите ќе се запознаат со неколку различни аспекти на нашата работа поврзана со изборите, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто. Исто така, овој семинар е почетна фаза за градење на широка мрежа за поддршка на процесите кои треба да водат кон слободни избори.

„По секој одржан семинар, учесниците се добредојдени да поставуваат прашања и да побараат дополнителни насоки и обука на индивидуално ниво. Мобилниот тим на ЦИВИЛ ќе биде постојано на располагање да дојде во местото на живеење на учесниците или тие ќе можат во секое време да го посетат седиштето на ЦИВИЛ“, се наведува во соопштението.

Семинарите се еднодневни и опфаќаат теоретски и емпириски аспекти на изборните процеси, изборни системи и системски недостатоци, политичка кампања и улогата на медиумите, мониторинг, известување и едукација за изборните процеси, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто , како и практични насоки за мониторинг на изборните процеси.

Од учесниците на семинарот се очекува да останат активни и редовно да доставуваат информации за состојбите на теренот, да бидат едукатори и да ги распространуваат информациите и знаењата во своите средини.