ЦИВИЛ: Оставка на владата, сега!

0
1370

„ЦИВИЛ – Центар за слобода бара оставка на владата, поради неуспехот да го спроведе Договорот за надминување на политичката криза. Воедно, терминот за предвремени парламентарни избори мора да се помести најмалку до крајот на септември, затоа што ни оддалеку не се создадени услови за одржување слободни избори на 5 јуни 2016 година.

Одложувањето на терминот за избори мора да се искористи за низа итни чекори и мерки за создавање услови за слободни избори. Меѓу другото, потребни се дополнителни реформи на ДИК, односно нејзина професионализација. Понатаму, сè уште има простор за подобрување на Изборниот законик. Мора да се спроведе доследно чистење на Избирачкиот список. На Република Македонија ѝ се потребни итни и суштински зафати во судството, пред сè, во поглед на воспоставување и непречено функционирање на специјално одделение во Кривичниот суд кое ќе се занимава со предметите кои произлегуваат од работата на Специјалното јавно обвинителство. Воедно, мора да се создадат услови за ослободување на медиумите од партискиот диктат, но и администрацијата, стопанството и општеството во целост.

И период од три месеци е прекраток за сето тоа да се спроведе, но доколку постои вистинска политичка волја, но и владеење на правото, можно е да се спроведат мерки кои ќе ги гарантираат тие процеси и ќе им влеат доверба на граѓанките и граѓаните во изборниот процес.

ЦИВИЛ во континуитет ги набљудува и анализира состојбите во земјата веќе 15 месеци, поточно, од јануари 2015 година. Во изминатите 30 дена, по претходното одложување на терминот за избори, партиите на власт не само што не манифестираа политичка волја и не презедоа активности за да го спроведат политичкиот договор, туку дополнително вложија енергија и јавни ресурси за да го осуетат неговото спроведување.

Сите започнати процеси во земјата се крајно отежнати поради континуираните опструкции на партиите на власт и речиси потполната блокада на институциите кои се наоѓаат под партиски диктат.

Највидливата последица од неуспехот на политичкиот договор се медиумите кои останаа под контрола на партиите на власт.

Државата не се одвои од партијата, а партиите на власт продолжија со злоупотребите, политичката корупција, кршењето на човековите права и слободи, политичката дискриминација и структурното насилство. Државната изборна комисија не успеа да се издигне над партиските интереси, наспроти напорите на независните експерти во нејзиниот состав. Тоа доведе до доцнење со роковите и до неквалитетен процес на прочистување на Избирачкиот список.

На теренот, продолжуваат партиските притисоци, закани и уцени врз гласачкото тело, пред сè, врз социјално ранливите категории на граѓанки и граѓани, како и врз вработените во администрацијата на локално и на национално ниво.

Во образованието, партиските војници вршат притисок врз персоналот, но и врз децата, а преку нив и врз родителите. Во здравството, партиската припадност значи и можност за подобар третман, додека здравствениот персонал кој не е во милост на партиите на власт трпи секојдневни притисоци и дискриминација.

Продолжува рекетот во стопанството. Инспекциските служби кои сè уште се користат како алатка за уцена и принуда. Дел од средствата кои се извлекуваат од стопанството во овој период се насочуваат и кон послушничките медиуми.

Опструкцијата на работата на Специјалното јавно обвинителство е повеќе од очигледна и претставува уште еден доказ за тоа дека судството, вклучително и Уставниот суд, е под партиски диктат. Наспроти тоа, гледаме дека СЈО манифестира максимален професионализам и истрајност, што во јавноста влева надеж дека е можно да се зајакнат и изградат институции кои ќе го вратат владеењето на правото во Република Македонија.

Очигледна е злоупотребата и на меѓуетничките односи со „патриотските игри“ на политичките субјекти во земјата.

Дури и најновата серија на „отчети“ на партијата на власт е своевидна илустрација за потполното отсуство на граница меѓу партијата и државата, односно уште еден доказ за тоа како една партија може да ги узурпира институциите и да ја зароби државата“, соопштуваат од ЦИВИЛ.