Царовска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика

0
1552

Мила Царовска ја презеде функцијата министер за труд и социјална политика од досегашниот министер Ибрахим Ибрахими.

На средбата по примопредавањето на функцијата Царовска и Ибрахими разговарале за актуелните состојби во Министерството.

Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, Царовска на првиот работен ден имала средби и состаноци со вработените со цел запознавање со тековните работи во Министерството.

На колегиум со раководителите и државните советници Царовска нагласила дека како министерка за труд и социјална политика основното начело според кое ќе се раководи во извршување на функцијата ќе биде професионалноста, стручноста, мотивацијата и искуството, со единствена цел МТСП да биде сервис на граѓаните.

– Верувам дека заедничка цел ни е да работиме исклучиво во интерес на граѓаните и затоа потенцирам дека ќе се фокусираме на транспарентна и активна соработка оставајќи ги на страна поделбите базирани на политичка, верска или било каква лична определба. Од 8:30 до 16:30 часот сите ние сме администрација во служба на граѓаните, истакнала министерката Царовска.

Во иднина, посочила, нашата мисија е да го зајакнеме дијалогот и поддршката во областа на социјалната политика во државата, да ја интензивираме борбата против сиромаштијата и социјалните разлики, и да го реформираме и надградиме системот на социјалната заштита, со цел да биде правичен и одржлив сервис за сите граѓани. Се надевам дека ќе бидеме сите на ниво на довербата што ни ја дале граѓаните во исполнувањето на нашите обврски, рекла  министерката Царовска пред колегиумит и вработените.

Министерката Царовска, стои во соопштението,  очекува во периодот што доаѓа атмосфера на интензивна соработка и позитивен натпревар во исполнувањето на работните цели и задачи.