ХАЈРЕДИНИ ДО МИЦКОСКИ : ЗОШТО НЕ ИЗГРАДИВТЕ НИТУ ЕДНА ЕЛЕКТРАНА ДОДЕКА БЕВТЕ ДИРЕКТОР НА ЕСМ

0
650

„Никому, од една страна, не му е јасно што е толку страшно Ковачевски или Битиќи да се сретне со Мицкоски и да му го каже истото тоа што го кажува секој ден? Од друга страна, и Мицкоски треба да објасни зошто барем една од електричните централи, предвидени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ ‘Преродба во 100 чекори’, дури и проширена и надградена, не е изградена во време кога тој беше и директор на ‘Електростопанство на Македонија’. Дури ниеден камен-темелник не се постави“, пишува Хајредини на Фејсбук
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини денеска во објава на својот фејсбук-профил, во контекст на актуелната дебата меѓу власта и опозицијата околу справувањето со енергетската криза, вели оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, треба да објасни зошто ниту една од електричните централи предвидени во програмата на партијата „Преродба во 100 чекори“ не е изградена кога тој бил директор на тогашното АД ЕЛЕМ, сега АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).

„Никому, од една страна, не му е јасно што е толку страшно Ковачевски или Битиќи да се сретне со Мицкоски и да му го каже истото тоа што го кажува секој ден? Од друга страна, и Мицкоски треба да објасни зошто барем една од електричните централи, предвидени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ ‘Преродба во 100 чекори’, дури и проширена и надградена, не е изградена во време кога тој беше и директор на ‘Електростопанство на Македонија’. Дури ниеден камен-темелник не се постави“,

пишува Хајредини на Фејсбук.

Хајредини беше министер за финансии во периодот од 4 септември до 20 декември 1994 година. Во 2008 година станува претседател на коалицијата „Македонија без корупција“, во која влегоа 18 невладини организации.

Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера по неколку дневна размена на повици, барања, одбивања и лицитирања со местото каде би се одржала средбата на која Мицкоски ќе го презентира својот концепт за справување со енергетската криза, вчера одржаа состанок во Владата.

По средбата, Мицкоски во изјава за медиумите рече дека е исто толку загрижен колку и пред да влезе на неа.

Тој оцени дека помошта и концептите што ги понудиле за справување со енергетската криза изгледале прифатливо за премиерот и надлежните министри со кои разговарал. Мицкоски додаде дека ако Владата не го реализира сценариото ВМРО-ДПМНЕ ќе го осуди тој чекор и ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне на граѓаните и на стопанството да ја поминат зимата.

Премиерот Ковачевски по средбата изјави дека сите понуди што ги имаат од ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достават до ЕСМ, а бидејќи станува збор за контакти кои сакаат да бидат директни, затоа го задолжува министерот за економија Крешник Бектеши да ги оствари тие контакти и да се види дали тие имаат соодветна понуда која ги задоволува критериумите врз основа на кои се прават набавки во ЕСМ.

Ковачевски рече дека на средбата со лидерот на опозицијата тој и неговиот тим ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза, информирале за производството на енергетските капацитети, за производството на електрична енергија во ТЕЦ „Осломеј“ и во ТЕЦ „Неготино“. На средбата, Ковачевски рече дека информирал и за обезбедувањето енергенси и тоа јаглен за РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, како и мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Денеска точно напладне владиниот Економски совет треба да одржи седница за кризата, а меѓу темите што се очекува да бидат на дневен ред се дополнителни мерки со кои би се ублажил ценовниот шок за граѓаните и стопанството.