ХАОС ВО ТЕТОВО – ОПШТИНАТА ИСЕЧЕ ГОЛЕМ БРОЈ НА ДРВЈА СО ШТО УНИШТИ КУП ЗЕЛЕНИЛО САМО ЗА НА ТОА МЕСТО ДА ИЗГРАДИ ПАРКИНГ

0
383

Вчера, две недели по известувањето на Порталб.мк за недостигот на паркинг места и по барањето на жителите за регулирање на просторот познат како „Стара противпожарна станица“ во Тетово, започнаа градежните работи. Но, за оваа цел се исечени дрвјата, а од Општина Тетово не кажуваат дали исечените дрвја ќе бидат заменети со нови. Според планот, предвидено е локацијата да се пренамени во затворен паркинг.

Општина Тетово на 22 јули потпиша договор со „Чаби Транс“за изградба на затворени паркинзи на територијата на општина Тетово. Цената на овој договор е 3 милиони денари со вклучен ДДВ.

На просторот исечени се неколку големи дрвја. Екипа на Порталб.мк вчера попладне беше на терен и виде дека машините на компанијата „Чаби транс“ работат и го чистат просторот и ги отстрануваат дрвјата.

Општина Тетово, за Тетовоинфо информира дека на барање на жителите ќе го среди просторот во блок 37 и дека истиот ќе биде затворен паркинг.

Според информациите, 100 жители уште во 2017 година и во февруари 2022 година потпишале барање за поправка на целата улица – поплочување со бекатонки, поставување на осветлување и уредување на паркингот.

Сепак, постапката не беше добро прифатена од граѓанското општество.

Од Иницијативата “Тетово сака Парк” која се залага за заштита на зелените површини во градот, велат дека Општина Тетово и нејзиниот прв човек Билал Касами ги убедиле дека можат да го уништат и она малку зеленило што останало во градот.

Во име на граѓаните, од иницијативата јавно бараат од општината и нејзиниот градоначалник одговор на следните прашања:

  • „Дали земјиштето што до утрово имаше зеленило и дрвја е приватна сопственост?
  • Дали жителите ви дадоа согласност за сечењето?
  • Дали и овие дрвја беа стари и болни?
  • Која е целта на сечењето дрвја?
  • Колку дрва останаа за сечење во градот?
  • До кога аматерите и кусогледите ќе ги кројат општинските политики?
  • Како ќе обезбедите нови паркинг места, откако ќе го исечете и последното старо стебло во градот и ќе ги бетонирате и последните тревници?
  • Дали дури тогаш ќе разберете дека уништувањето на неколкуте зелени површини во градот за да се обезбеди дополнително паркинг место не е и не може да биде решение за сообраќајниот метеж?“

Барањата на „Тетово сака парк“ ги поддржа и граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“.

Од друга страна, од Општина Тетово не одговараат на прашањата на Порталб.мк за причините за сечење на дрвјата и дали таму ќе се садат нови дрвја.

„Ќе се постават нови бекатонски плочи, ќе се постават хоризонтални знаци, осветлување и рампа за влез и излез на паркингот. На 26.07.2022 година е дадена наредба за изведување градежни работи на ул. Д.Г. Кара – урбан блок 37“, се наведува во информацијата на општина Тетово за Тетовоинфо, додавајќи дека работите се одвиваат во координација со жителите кои живеат таму и дека нема никакви проблеми.

Потсетуваме дека пред само две недели граѓаните кои живеат во овој крај, за Порталб.мк, зборуваа за проблемите со инфраструктурата и паркинзите.

Општина Тетово пред неколку месеци исече стари дрвја по целата должина на улицата Страшо Пинџур и ги замени со нови. Оваа акција не беше прифатена добро од граѓанскиот сектор и предизвика многу остри реакции во јавноста.

Општина Тетово за Порталб.мк во јули најави дека токму на оваа улица е предвиден зонски паркинг, при што тогаш рекоа дека се чека инспекторатот да ги отстрани пречките, но засега нема ништо конкретно.