ХАОС ВО ЛИБИЈА КОЈА Е ПРЕД ГРАЃАНСКА ВОЈНА : Силите на одметнатиот командант тврдат дека зазеле аеродром во Триполи

0
2125

Либиската национална армија (ЛНА) која не е призната од страна на меѓународната заедница вечерва соопшти дека ја презела контролата врз аеродром во предградие на главниот град Триполи.

Ахмед Мисмари, портпарол на силите лојални на лидерот на паралелната влада во Либија, командантот Калифа Хафтар, објави дека припадниците на ЛНА под своја контрола имаат два града во близина на Триполи, пренесе агенцијата „Ројтерс“.

Мисмари исто така соопшти дека петмина припадници на ЛНА загинале во борбите со силите лојални на премиерот Фајез Серај, кој е признаен од меѓународната заедница и има поддршка од САД.

Како што објави агенцијата АП, силите на премиерот Серај денеска соопштиле дека заробиле 100 војници лојални на Хафтар и планираат да спроведат воздушни напади врз позициите на ЛНА.

Агенцијата АП појаснува и дека до ескалација на насилството доаѓа откако силите лојални на Хафтар започна офанзива кон западниот дел на Либија.

Администрацијата на Хафтар под контола го има источниот дел на земјата. Пред 5 години командантот ги регрутира поранешните војници на Гадафи и по тригодишна битка, го освои Бенгази, најголемиот град во источниот дел. Оваа година контролата ја прошири на југот на Либија, богат со нафтени полиња. Клучна цел на неговите сили сега е престолнината Триполи која се наоѓа во северозападниот дел и е седиште на меѓународно признатата влада.

Новата ескалација на конфликтот ги изненади ОН. Генералниот секретер, Антонио Гутереш неделава беше во либискиот главен град за да помогне во организирањето на националната конференција за помирување планирана за овој месец.