ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: ЖРТВА СУМ НА САЈБЕР БУЛИНГ ОД БРАНКО ГЕРОВСКИ!

0
1343

Во објавата на претходниот статус се отвори “дилемата” дали било во ред од моја страна ваква вулгарна содржина да ја објавам на ФБ, вака јавно и транспарентно, заради тоа што содржината можеле да ја гледаат и деца (вклучително и моите деца) и срамните зборови требало да бидат покриени.

Не велам дека, сугестијата немала добра намера, но поентите за борба против сајбер булингот (он-лајн вознемирувањето, заканите, омаловажувањата, говорот на омраза, дезинформациите, сексуалното вознемирување и сл.) во сите сфери се потребна лекција за сите нас.


На дневна основа добивав и добивам неброени пораки од реални и лажни профили на двата ФБ профила (зборувам за заканувачките и вулгарните). Различна содржина со иста цел: закани по живот, закани по деца, закани по семејството и блиските, по домот, по сигурноста, исмејувања и карикатури, монтирани сликисо сексуална содржина, да ти ова – да ти она, ќе ти ова- ќе ти она и се што може и не може да замисли здрав разум.

За клетвите и проколнувањата не зборам, зошто таков збор и таква мисла неманиту еден верник од било која религија.

Вакви пораки добивам и од малолетници/чки и од возрасни лица, но доминантно мажи.

Дали ова може/треба да биде приватна работа? Никако. Ниту моја, ниту на било кој граѓанин во едно демократско општество !

Кога велиме дека, јавните личности треба да бидат свесни дека, ќе немаат заштита на приватноста (не 100%), тоа не значи исто така дека, ваков вид на пораки се приватни.
Некој ќе заклучи, дека постои копче за регулација на приватноста на објавите и алатките на ФБ профилот, а од друга страна се бара транспарентност, став, одлука, достапност и комуникативност со политичарите. Неспоивост која никако не значи и оправданост за било какво вознемирување и закани.

Нема да објавам се што дополнително ќе вознемири, затоа што не сакам да вознемирам и засрамам деца од нивни родители, блиски, баби и дедовци или пак, да засрамам родители од “културата” на нивните деца (зборувам за вистинските профили, не ги бројам лажните).
Претходниот статус е мал показ за степенот на свест и етика во комуникацијата на социјалните мрежи и поттик сериозно да се размисли за тоа какви последици можат да предизвикаат ширењата на вакви и слични пораки кон лице или ФБ заедницата.

Токму ваквите пораки и прибирањето на истомисленици околу нив резултираат со насилства, линч, убиства и многу други последици од различен вид.
Многумина велат, “игнорирај”, “батали ги” “не се опрететувај” “јака си ти” “издржи” и сл. Слушам дека, секоја втора жена (јавна личност) независно од припадност поминува низ слични или исти работи во овој сајбер спејс.

Овој сајбер булинг врз жените воопшто, но особено врз жените во политиката има неколку клучни цели: да обесхрабри политичко учество на жените, да ги одврати од јасно изразени принципи на говорење и работење, да се откаже од постигнување на инклузивност, да поттикнат насилство од идеолошки причини, да мотивираат фемициди, да поттикнат сексуално насилство, да дискредитираат и да поттикнат афективни реакции кај жената, да поттикнат изолација, намалена самодоверба и суицид во крајна инстанца.

Накратко, сајбер булингот не е насочен кон сите жени во политиката по правило. Американското и европското искуство покажува до статистики дека, најчесто на удар сајбер булингот се жените политичари кои “чепкаат по машките прашања” или јавно дискутираат за традиционално “машките работи”. Тој политички стереотип во традиционалните општества создаваат најчесто машки мотиви и речник за институционални субверзии и вулгарни испади на сите поддржувачи кои ќе ја лапнат јадицата и овозможат продукт од продолжено дејствие на континуирано сајбер булирање на целта.

Јавната свест за овој проблем е на најниско можно ниво и најчесто содржи слични оправдувања како и за делата од омраза, семејното (родово базирано) насилство, политичкото насилство и сл., изразено во фрази “си го барала” “што се замислува” “заслужила” “кој и е крив” и сл.

Се обидувам и со овој статус да допрам до важноста да се зборува за сајбер булингот и неговите последици, и дека, мора да постои механизми за санкционирање, осуда и обврска за едукација на секој што го користи интернет просторот.

Ваквиот речник во насилсвата на 27 април во Собранието, ме направија жртва на возрасен “човек” што можеше да ми биде татко. Но, тој ми посакуваше гроб и физички ме повреди. Го осудија на затворска казна, а човечкото во мене раѓа жал за него и ме става во дилема “каква оштета можам да барам од човек кој немал свест за штетата што ја нанесува на друг”.

Протестите пред мојот дом додадоа друг ред “шлаг” во оваа вулгарна и насилна арена на зборови и “скриени” намери. Ќе ја палиме, ќе и ја запалиме куќата, не смее од дома да излезе, децата да си ги закопа по албански и што ли уште не. Но, тоа било право на протест на “јавен простор”.
Сечење на кочници на десна предна страна на приватен автомобил во “приватен” сервис, заради предизвикување сообраќајна несреќа (?!), сечење на гуми …, се прашање за друга постапка.
Незаконско следење од зад грб, провокации од секаков вид, “добронамерници” со “мака која партијата мора да му ја реши”, а тој “да те реши” тебе …, се само капка во морето од суберзиите на пропагандниот сајбер булинг и добрите намери.

Децата? Каде се тие во овој круг? Не, не се во стаклено ѕвоно и не се интернет неписмени. Гледаат, слушаат, читаат, но и учат како треба и како не треба, што е исправно, а што погрешно, учаат за морал и култура на говор, учат дека Ромите не се Цигани и дека Албанците не се Шиптари, дека навиваат за Реал Мадрид, а не за партијата на мајка им и на онаа чиешто знаме развеал комшијата; учат да бидат добри луѓе и да плачат кога им се плаче, да не бараат погрешна мета за нивниот бес, дека подобро е да игра фудбал додека мајка им расправа на телевизија за теми кои поттикнуваат булирање. И да, знаат што е сајбер булинг, и знаат дека тоа во школо го препознаваат како врсничко насилство, и знаат дека во ниту еден случај не смеат да се здружат против другарче во потсмев или тепачка. Ќе ги чинат многу нерви овие лекции кои во,расни не ги научиле, но ќе бидат добри луѓе со Човечка душа и емпатија и дека, недозволиво е да вознемируваат или навредат нечија мајка, татко, дедо, баба, дете …

Во САД научивме што треба да се направи и видовме дека не правиме ништо, односно молчиме и се надеваме дека друг ќе ни пишува вакви лекции. Голема е задачата на женските движења, организации, парламентарки, форуми на жени и сите ние заедно.
Не е срамно да кажеш, не е срамно да прашаш ако не знаеп како!

Срамно е да молчиш и да бараш оправдување дека, некој има право да си поигрува со твојата чест и достоинство!
Не е 8 Март, но борбата не е само за права, туку и за право на одбрана од фрустрации кои не ги дава ниту еден закон во нормална земја!
#ДајтеДаЖивеемНормалноАкоМоже
#ДаСеПотрудиме

Фросина Ременски