(ФОТО ГАЛЕРИЈА) ФИЛЕВИ СЕ ЗАКОН ВО ОХРИД, СЕ ПРЕТЕРАА СО УБАЈНИТЕ : Охридскиот бисер-културен бренд на државата

0
4789

Охридскиот бисер бесценет  бренд на Охрид и Македонија. Само две охридски фамилии ја имаат тајната патент – формулата за изработка на светски познатиот бисер од крлушките на охридската плашица, семејствата Филеви и Талеви.

Познатиот производител на  охридски бисери Михајло Филев, кажува дека природните перли се изработуваат со специјална технологија за која не се откриваат многу детали бидејќи тоа е семејна тајна, која се пренесува од генерација на генерација.

– Ние сме еден дел од  мозаикот на македонската култура како бренд, кој треба државата го штити достоинствено. Бидејки ние со секојдневните наши креации даваме придонес културата да биде на повисоко ниво особено за град Охрид.Ние го презентираме последниот дел од тајната изработка, каде емулзијата се премачкува околу површината на зрното. Емулзијата се добива од крлушките на плашицата. Четката е од природни влакна од верверица, камила или коњ, за да може полесно да се нанесе. Ги ставаме топчињата кои се изработени од срцевината на школката. Се зема внатрешниот дел и од тоа се прават разни форми и големини, вели Михајло Филев лиценциран производител на охридски бисер.

Михајло Филев е четврта генерација на семејството Филеви од Охрид, изработувачи на прочуениот бисер. Тајната на неговата изработка во Охрид ја носи рускиот емигрант Јован Субанович во 1920-та, кој доаѓа како азилант од Октомвриската револуција од регионот на Бајкалското Езеро во Русија. Покрај Филеви, и семејството Талеви од Охрид се најстарите изработувачи на овој бисер.

-Традицијата во семејството Филеви ја започнал мојот прадедо Никола Филев, близок пријател на Јован.Тој прави едно парче и не дека ја заборава тајната, туку не се бави со таа работа, објаснува Михајло.

Четири години подоцна неговиот дедо Михајло се обидува да го развие брендот, за потоа тоа да го прави и неговиот татко Никола. Вели дека се надева дека и неговите две ќерки ќе го наследат занаетот.

Охридскиот бисер е амбасадор на Охрид и Македонија шиум светот. Секој кој дошол во градот слушнал, видел или купил охридски бисери. Семејството Филеви од Охрид скоро еден век ја чува тајната за изработка на бисерот, кој денес е белег на градот и земјава.

Бисерот патентиран, но на секој чекот лажни бисери

Иако називот „Охридски бисер“  е заштитен од страна на државата, на секој чекор се продава плагијат, за кој трговците лажат дека е оригинал. Копиите перли се увезуваат од Турција и Тајланд, а се продаваат со лажни сертификати. Многу често се случува купувачите да се жалат бидејќи наместо охридски, купиле лажни бисери.

– Прво ќе наидат на сите тие плагијати низ градот и после  ќе ја дознаат вистината, бидејќи тоа е во сите истории, ние сто години со традиција ја поседуваме формулата и се уште е наша, и со неа го произведуваме охридскиот бисер. Токму тоа е многу непријатно, и за купувачот, и за нас кои треба некако да се правдаме, вели Филев.

Охрид има и Музеј на охридскиот бисер

Охрид од 2016 година  доби  и Музеј на охридскиот бисер. Познатите изработувачи на оригинални охридски бисери, семејството Филеви, го отворија  Бисерниот музеј во кој пред посетителите се раскажува приказната за изработката на надалеку прочуениот  бисер.  Во музејот се поставени сите алатки со кои се обработуваат бисерите од крлушките на охридската риба плашица, фотографии на четирите генерации кои го произведуваат бисерот по тајниот рецепт на рускиот емигрант донесен од Бајкалското Езеро, како и фотографии на познатите светски личности, претседатели, кралици и принцези кои се кителе со охридските бисери. 

-Ова е еден поинаков модел на презентирање на македонската култура преку охридскиот бисер, поточно нашиот бренд, на семејството Филеви. Ова е еден момент каде што ги презентираме  сите алатки, сите еминентни личности кои не посетиле, со еден збор еден мал музеј, една мала бисерна соба, која е дел од нашата автентична култура и традиција, вели Михајло Филев изработувач на охридски бисери.

Музејот кој  ја збогати македонската култура и традиција е сместен во близина на катедралната црква „Света Софија“, а во него посетителите имаат можност да се  запознаат со целиот процес на изработка на надалеку прочуените охридски бисери и  вековната традиција на Филеви. Формулата за изработка на охридскиот бисер е стара 700 години, а во Охрид  се практикува  скоро еден век. 

Девет кралици накитени со охридски бисери

Со бесценетиот накит нанижан од зрна охридски бисери се красат шведската,  данската и англиската  кралица , првата дама на полска, естрадни ѕвезди и глумци не само од земјава, туку од сите страни на светот  и многу  еминенти личности кои го посетиле Охрид.

Михајло Филев, младиот во 2014 година го направи првиот ѓердан со  кој се китела  Самоиловата керќа –  принцезата Косара. Бисерниот ѓердан е идентичен на  пронајдените артефакти, исткаен  од филигран и бисер.

Изработен е и скапоцениот накит на Олимпија, мајката на Александар III македонски и на  македонската кралица Клеопатра.

–  Мој предизвик е сега сите тие да ги репарирам и возобновам во наш стил, нормално со исти материјали од тоа време како среброто и ред други проптратни елементи во накитот. Да добиеме уште една понуда каде што и светот и сите ќе бидат восхитени од нешто што било заборавено во минатото а сега ќе биде претставено на највсоко ниво, вели Михајло Филев производител на охридски бисер.

Михајло ги возобнови  и накитите кои семејството Филеви изминатиов век ги подарувало на кралиците и принцезите  ширум светот.

-Во музејот изложени се фотографии  од српската, бугарската, данската, шведската и холандската кралица на која лично Тито и поклонил охридски бисери. И секако, накитот на принцезата Јелисавета Караѓорѓевиќ“, вели Филев.

Репликите на накитот на античките владетелки и познатите кралици и принцези  денес  се вистински ремек дела и  богатството на нашата  културната понуда.

Накит од охридски бисери, македонски рубини  и филигран

Охридските мајстори на старите занаети, пред две години ги споија своите знаења и вештини. Изработен е првиот уникатен накит од три традиции, филигран, охридски  бисер и македонски рубини. Целта е да се создаде нов бренд по кој Македонија ќе биде препознатлива ширум светот.

-Во Македонија кога се работи за накит имаме три традиции. Македонскиот бисер, филигранот и македонскиот рубин. Тоа е една плодна пријателска соработка меѓу изработувачите на овие три накити кои одлучивме да ги поврземе да биде како круна на квалитет во Македнија, вели Михајло Филев изработувач на охридски бисери.

Интересно е што странците повеќе знаат за македонските занаети и за скапоцените камења.

-Странците да речам повеќе го знаат македонскиот рубин од самите ние, Македонците.Тие доаѓаат начитани  и кога ќе им објаснувам веќе знаат што ќе им кажам , вели Митко Укоески изработувач на филигран.

Најскапиот охридски бисер е продаден на аукција  во Америка за 7 000 долари,  а го купил иселеникот Џон Битов.

Снимен и документарен филм за охридските бисери

Во 2017 година во рамките на фестивалот „Охридско лето“ беше снимен и прикажан и долгометражниот документарен филм за охридскиот бисер.

Тука е целата историја сите архиви,  кои укажуваат на почетоците на охридскиот бисер сите наши четири генерации се застапен во филмот имаме многу историски периоди и факти кои Макеоднија била под сите тие системи се работи за сто години. Ги имаме сите најатрактивни делови од Охрид опфатено, додава Филев.

Филмот за охридскиот бисер беше  прикажан и во Србија и Хрватска , а потоа и на светските канали  Дискавери и Сиенен.

Текстот „Охридскиот бисер бесценет бренд на Охрид“ е изработен во рамките на проектот „Охрид во духот на етно традицијата“ поддржан од општина Охрид преку Секторот за туризам и локален економски развој.