(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Успешно заврши најголемата хуманитарна акција која ја спроведе Гази Баба, собрани се 1645 кг храна за социјално ранливите категории

0
560

Успешно заврши едномесечната најголема хуманитарна акција “Месец на хуманост – Гази Баба се грижи” која ја спроведе општина Гази Баба. Благодарение на сите хумани луѓе, вработените во општината, општествено – одговорните компании, кинеската амбасада, сите граѓани кои се вклучија, организации, министри, градоначалници, пратеници, децата од основните училишта заедно со нивните наставници и родители, директори на училиштата и градинките, медиумите успеавме да собереме 1645 кг прехранбени производи, 356 кг хигиенски средства, 190 кг облека, 115 пакети пелени, како и детски играчки, постелнина, училишен прибор, мебел и апарати за домаќинство.

Организациите Ајде Македонија, Вистински дела на љубезност,  Црвен крст – Гази Баба , Копче, Ретвитни oброк, Лице в лице, Пакомак, Суниленс, Нула отпад  и  Шепасти ентузијасти кои партнерски работеа со нас, сите резерви веднаш ги дистрибуираа онаму каде што се најпотребни.

Среќен сум што мојата идеја ја следеа многумина и што успеав да ја разбудам хуманоста кај луѓето, особено сега во состојба на пандемија и што е најбитно, што сите заедно ја исполнивме целта. Да обезбедиме што е можно повеќе средства за зимата за лицата од социјално – ранливите категории, што помогнавме на лицата кои сите ги забораваат.

Гази Баба уште еднаш покажа дека е хумана општина која мисли на своите граѓани.

Уште еднаш им се заблагодарувам на сите кои на свој начин помогнаа во хуманитарната акција “Месец на хуманост – Гази Баба се грижи” и што заедно покажавме дека сме општина и општество кои мислат на своите сограѓани, на своите блиски. Би сакал оваа акција да се организира секоја есен и со нашето малку, да обезбедиме некому многу во зимските денови, а пример да биде и за другите општини со што би овозможиле достојни услови за што повеќе лица од социјално – ранливите категории.