(ФОТО ГАЛЕРИЈА + ВИДЕО) ШОКАНТНА БОМБА НА ВЛАДАТА: Груевци украле десетици милиони евра на име купување и реновирање македонски амбасади, неколку амбасади се пред паѓање, многу купени по дупла цена!!!

0
1488

Злоупотреба во постапките за купување на недвижен имот што го користат ДКП на Република Македонија

Почитувани претставници на медиумите,

Во изминатите неколку месеци, во МНР беше направен увид во документацијата за купување на објекти за дипломатско конзуларни претставнштва на РМ, како и директен увид на самите објекти. Со овој процес имаме јасни идниции за извршени сериозни злоупотреби.

Постапката започнува со Одлука на Владата со која што се одобруваат 40 милиони евра, за купување или градба на 15 објекти за дипломатско конзуларни претставнштва. Со мини ребаланс на буџетот во декември 2007 биле одобрени уште 10 милиони евра.

Од овие 15 купени се пет објекти и тоа во Будимпешта, Љубљана, Виена,  Прага, и Истанбул во 2007 и 2008 година.

За спроведување на сите активности во МНР, со Решение од тогашниот министер, формирани се две комисии. Комисија за набавка на недвижни ствари – објекти за просторно сместување на ДКП на РМ и Комисија за јавни набавки која ги спроведувала сите набавки, поврзани со купувањето на објектите, од адвокатски услуги до градежни фирми и фирми за опремување на објектите.

Од гореспоменатиот увид може да се констатира следното:

И двете Комисии функционирале само формално, односно доминирало влијанието на претседателот на Комисијата за набавка на недвижни ствари – објекти. Ова е очигледно од достапните Записници од работата на оваа Комисија.

Понатаму, сите купени објекти се наоѓаат на локации во кои нема амбасади (исклучок Прага каде втор сосед ни е Амбасадата на Северна Кореја), се наоѓаат далеку од останатите дипломатски претставништва и од центарот на градот, односно државните институции и се во резиденцијални квартови. Ваквите неатрактивни локации, кои во најголема мера биле однапред одбирани, пред започнување на постапката за купување, наведуваат на можноста реалната цена во времето на нивното купување да е многу пониска од цената која е платена. Зачудува фактот што тогашната Влада донесувала заклучоци со кои, на предлог на Комисијата за купување објекти, ги фаворизирала несоодветните и најчесто поскапите објекти и покрај тоа што биле доставени понуди за поквалитетни објекти, со поголема квадратура, на репрезентативни места и за пониски суми.

И покрај потребата и барањето објектите да бидат веднаш вселиви и употребливи, правени се дополнителни и често непотребни реконструкции и адаптации. Дополнително овие зафати се извршени со неквалитетни, најевтини  и очигледно преплатени материјали – (во најголем број случаи самиот продавач е и тој што ја врши реконструкцијата). На пример во спецификациите за реконструкција стои цена за квалитетен паркет, а поставен е најевтин ламинат, или стои цена за сменети прозорци, а не се сменети, или стои цена за поправка на водоводна инсталација во бања, а не е поправена од купувањето до ден денес. Заради ваквиот начин се извршени во некои објекти двојни па и тројни реконструкции. Крајната цена на чинење на објектите, според процените достигнува во голем број случаи размер од 1:3 при што се наплатени огромни суми и за купување и за реконструкција.

Би сакал да наведам неколку примери:

Типичен пример е објектот во Виена – сумата на избраниот „најповолен” објект изнесува 3,5 милиони евра со агенциска провизија од 105.000 евра и реконструкција која достигнала 1,4 милиони евра. Од извршениот увид во документацијата, постојат индиции дека продавачот на објектот пред повеќе од една година за истиот објект платил 1.460,000 евра. Дополнително, според купопродажниот договор очигледно е дека фирмата е формирана со единствена цел да го изврши ова продавање на објектот. Во постапката за купување на објектот во Виена, но и на други објекти, една адвокатска канцеларија е правен застапник на двете страни, и на продавачот и на купувачот, Република Македонија.

Друг драстичен пример е објектот во Будимпешта кој е во опасност да се сруши, а со што може да предизвика штета на соседните објекти. Имено, неквалитетната изведба на доградбата од продавачот довела до појава на свлечиште на земјиштето. Ова пак предизвикало изместување на целиот објект кој е руиниран и неупотреблив. Така Република Македонија за амбасада и резиденција од 2010 година па се до денес плаќа закупнина за амбасадата од 2.300,00 евра месечно и за резиденција 1.800,00 евра и покрај купената куќа од 1.070.000,00 евра, во која требало да бидат сместени амбасадата и резиденцијата на амбасадорот.

Друг „интересен” пример е објектот во Прага кој во времето на неговото купување, а и по склучениот купопродажен договор бил всушност дивоградба. Имено, и покрај тоа што објектот бил купен, надлежните општински органи на Прага 6 донеле Одлука за отстранување (рушење) на делови на градбата, затоа што објектот ги загрозува безбедноста и здравјето на лицата и е спротивен на чешките закони и прописи.

И покрај ваквите реконструкции до ден денес објектите се соочуваат со низа недостатоци и дефекти (прокиснување, паѓање на кровови, појава на пукнатини, недоволна изолација и потреба од дополнително загревање на просториите. Дел од реконструкциите подразбирале доградба на постојниот објект што предизвикувало нарушување на статиката и појава на низа натамошни сериозни проблеми.

Генерално може да се констатира дека за купувањето на објектите е воспоставен систем, кој подразбирал создавање мрежа на странски адвокати, странски компании и странски лица со седиште во Будимпешта, Виена, Прага, Вилниус, Лондон, но можеби и во други центри, кои ги координирале своите активности со Комисијата за купување објектите. Под формулата „најпогодни објекти”, овие претходно договорени решенија и’ се наметнувале на Комисијата за купување на објектите,  која потоа ги предлагала со Информации до Владата на Република Македонија, потпишани од тогашниот МНР. Имињата на компаниите се различни во зависност за која земја станува збор, но името на еден сопственик на фирми од босанско потекло, фигурира во неколку градови (Прага, Виена, Москва, но не се исклучува можноста за инволвираност и во некои други). Во адвокатските сплеткарења пак името на адвокатска канцеларија „Др. Фехер и Партнери” на адвокатот Ендре Фехер  е заеднички именител за сите адвокатски услуги. Оваа адвокатска канцеларија и нејзините партнери адвокати, продавале, купувале, ја застапувале Република Македонија пред суд, наплатувале провизии, склучувале договори, но и анекс на договори со ист датум, а различна сума, наплатувале за некупени објекти, издавале резиденции и станови за дипломатите во истите градови, така што до ден денес наплатуваат преку наемнини од Република Македонија.

Постојат индиции дека Кабинетот на поранешниот ПВРМ и поранешниот Генерален секретар на Владата постојано и во детали биле информирани за одвивањето на постапките.

Да заклучам: Имајќи ги предвид сите овие информации и сознанија, на мислење сме дека постојат индиции за сторени низа прекршувања на постапката и процедурата за купување објекти, одбирање адвокатски канцеларии и ангажирање фирми за реконструкција на објекти. Заради ова, непотребно се исплатени огромни суми, со што е нанесена директна штета од поголем обем на буџетот на Република Македонија. Нашите наоди ќе бидат доставени до надлежните институции за натамошно постапување.