(ФОТО ГАЛЕРИЈА + ВИДЕО) БЛАГОЈ БОЧВАРСКИ И ЗОКИ КИТАНОВ ГРАДАТ МОДЕРНА ПАТНА ИНФРАСТРУКТУРА КАЈ МИТКО ЈАНЧЕВ ВО КАВАДАРЦИ

0
1053

„Градежните работи за модернизација на патната инфраструктура во државата се одвиваат со добра динамика. Денеска сведочиме на завршувањето на еден доста значаен проект за граѓаните на Кавадарци и околината, кој е резултат на заедничката соработка меѓу локалната и централната власт, а тоа е рехабилитација на Транзитниот дел на Кавадарци.

Дополнително, преку проектот за локални патишта, Министерството за транспорт и врски додели 1,1 милион евра за санација на улици и патишта во оваа општина“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев, изврши увид во градежните за работи за реконструкција на регионален пат Р1103 Транзит – Кавадарци.

Транзитниот дел на Кавадарци се рехабилитира во должина од 1,2 километри, инвестиција со вредност од околу 50 милиони денари, од кои 18,7 милиони денари се обезбедени преку ЈП за државни патишта и 31 милиони денари кои ги инвестира Општина Кавадарци. Градежните работи се во завршна фаза, во моментов се работи на асфалтирање на патот и во текот на следната недела рехабилитацијата ќе биде комплетно завршена, два месеци пред рокот предвиден со Договорот.

„Продолжуваме со модернизација на целокупната патна инфраструктура во државата. Покрај изградба и рехабилитација на автопати, магистрални, експресни и регионални патишта, преку Проектот за поврзување на локални патишта силно инвестираме во подобрување на локалните патни мрежи во внатрешноста на општините, преку реконструкција и санација на голем број локални патишта и улици. Станува збор за еден сериозен проект во вредност од 70 милиони евра, од кој произлегуваат низа успешни приказни и кој е од огромно значење на квалитетот на живот на граѓаните. Во рамките на овој проект општина Кавадарци доби на располагање 1,1 милион евра и во првиот тендер што е во фаза на евалуација, ќе се работи на реконструкција на три улици: Илинденска, Пионерска и Браќа Џунови, со вкупна вредност од 374 илјади евра. Во вториот тендер, општина Кавадарци влегува со реконструкција на две улици со вкупна вредност од 220 илјади евра: улица Дисанска и Западен Булевар“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот Бочварски додаде дека соработката меѓу Владата и општините ќе продолжи во насока на создавање поволни услови за економски раст на општините и поквалитетен живот на сите граѓани.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека граѓаните на Кавадарци конечно добиваат нов, безбеден и модерен влез и од страната на Неготино.

„Додека во текот на изминатата година го рехабилитиравме патниот правец од Росоман кон Кавадарци, низ разговори со градоначалникот Јанчев, дојдовме до една прекрасна идеја да ЈП за државни патишта и Општината, во заедничка соработка, го рехабилитираме влезот на Кавадарци од страната на Росоман. Водени од резултатите на таа одлична соработка, оваа година заеднички го реализираме проектот за рехабилитација на влезот на Кавадарци од страната на Неготино.

Изработката на проектната документација и земјените работи припаднаа на Општина Кавадарци, додека ЈП за државни патишта го изврши асфалтирањето и проширувањето на овој пат, со што успеавме заеднички да обезбедиме една нова, поширока и безбедна сообраќајница. Кога сме во Тиквешкиот регион, сакам да истакнам дека на задоволство на сите граѓани на овој и Пелагонискиот регион, на 3 ноември е отворањето на меѓународниот тендер за доизградба на експресниот пат Фариш-Дреново, а кон крајот на ноември завршува тендерот за изградба на три ленти од Фариш до Прилеп и комплетна рехабилитација на таа делница“  – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

„После 12 години празни ветувања, во рок од 3 години општина Кавадарци успеа да ги модернизира сите влезови во Кавадарци, кои претходно беа во незавидна состојба и не наликуваа на влез во еден град. Преку одлична соработка меѓу Општината, ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт и врски успеавме комплетно да го рехабилитираме и прошириме влезот од страната на Росоман, да го решиме проблемот со кој компаниите кои дејствуваат во тој дел со години се соочуваа, да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и да му дадеме нов лик на градот. Сега завршуваме и со модернизација на влезот од страната на Неготино. Општината инвестира 31 милион денари во делот на тампонирање, поплочување на тротоарите и изградба на велосипедска патека и пешачка зона, како и поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација, додека пак преку ЈП Комуналец, инвестираме 8 милиони денари за изградба на водоводна и канализациона мрежа“ – изјави градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Градоначалникот Јанчев истакна дека се надева дека во следниот период, во соработка со Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, ќе се започне и со рехабилитација на Обиколницата на Кавадарци.