Фотоволтаичните системи на ЕВН се нудат на кредит

0
1017

ЕВН и ПроКредит банка започнаа нова соработка преку која сите бизниси во државата ќе може да ги користат кредитите на ПроКредит банка за финансирање на фотоволтаичните системи што ги нуди ЕВН. Кредитната линија е наменета за сите правни лица и е со стимулативната каматна стапка од 3 проценти и 0 отсто провизија при исплата на кредитот.

Според ЕВН, корисниците ги надминуваат двата најголеми предизвици – потребата од професионална и квалитетна услуга, како и извор за финансирање на проектот.

Позитивните ефекти од инсталација на фотоволтаични системи, додаваат од ЕВН, се повеќекратни и затоа одлуката за ваква инвестција е голем чекор за секоја компанија.

– Трошоците за електрична енергија може да се намалат и над 30 отсто, вишокот произведена енергија може да се пласира на пазарот, а поврат на вкупната инвестиција може да се очекува за шест до осум години. Покрај финансиското олеснување на долг рок, компаниите придонесуваат и за намалување на емисиите на CO2 во воздухот и ја покренуваат свеста за одржливи проекти во земјата – велат од ЕВН.

Оттаму додаваат и дека нашата земја има повеќе од 280 сончеви денови годишно и производство на еден фотоволтаик може да достигне до 1500 киловат часови годишно што е далеку над европскиот просек.