ФОКУС: Се урива пирамидата на ВМРО-ДПМНЕ – КАКО ДА ПАДНЕ ГРУЕВСКИ НА 5 ЈУНИ

0
1059

Во новиот број на неделникот „Фокус“ ќе читате:

ПРАВОСУДСТВОТО ВО „ПАЈАЖИНА“ НА ФАМИЛИЈАТА
Јадна е утехата ако се надеваат на инсталираната „Правосудна пајажина“. Се сеќавате како на табло МВРО ја сликаше „Пајажината“ на газда Велија? Во оваа фаза на психо-трилерот, самите самоубиствено си ја навезоа правосудната пајажина.

УТОЧИШТЕ НА БИТАНГИТЕ
Од памтивек е познато. Национализмот и квазипатриотизмот се последното уточиште на битангите. И на мафијашите. Кои, наместо ум – мускули покажуваат. Овој пат, воопшто нема да им помине. Прочитани се, и точка!

КАКО ДА ПАДНЕ ГРУЕВСКИ НА 5 ЈУНИ
Заев треба да се концентрира на изборите, а тогаш опозицијата може да победи ако оствари неколку услови – да ги привлече сите опозициски партии, да го активира граѓанското движење со протести, да добие поддршка од „старите волци“, но и да истакне единствен граѓански кандидат за премиер – Стево Пендаровски!

ПОСЛЕДЕН БЕДЕМ НА ПРЕРОДБАТА
Трите образложенија, кои судиите ги нудат како аргумент дека законот е противуставен, немаат правна издржаност. Дали ова ја отвора дилемата дека судиите не ја познаваат уставната материја или, пак, тврдоглаво ја следат власта во обидот да се ослободи од одговорноста за изборниот криминал?

ТУЖЕНИОТ ВИНОВЕН, ТУЖИТЕЛОТ ДА СИ ГИ ПЛАТИ СУДСКИТЕ ТРОШОЦИ
Кога Жарко Трајановски ќе каже дека Миленко Неделковски е медиумски шарлатан, за судот тоа е навреда и клевета. Но кога партиски војник на ВМРО-ДПМНЕ за поранешниот пратеник на СДСМ, Благоја Гешоски, ќе рече дека е „педер“, „багра“ или „најголем лажго“, судот ќе констатира оти тужениот не изнел невистинити тврдења, туку изразил „негативно вредносно мислење“!?

СОМНИТЕЛНО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА
Откако функционери, службеници, ама и министер, беа осомничени и обвинети за злоупотреба на службената положба, поткуп и други видови криминал, и последниот ревизорски извештај открива дека во оваа институција се работело на граница на нелегалноста и неекономично.

СТУДЕНТСКИ АКТИВИСТИ ПАРТИСКИ ПОСЛУШНИЦИ?!
Со само еден клик на веб страната на владејачката партија можат да се забележат новите имиња на младите „вмровци“. „Фокус“ открива кои се луѓето што до вчера се „бореа“ за правата на студентите, а сега седат во функционерски фотељи?

ПОЛИТИЧКА ЛОТАРИЈА
На кој датум се паѓа 24 април? Од пред две недели, 24 април се паѓа на петти јуни. А на кој датум се паѓа петти јуни? Не се знае уште, можеби баш на петти јуни, можеби и во септември, а има шанси и за вгодина напролет. Ѓаволот ни ора ни копа, ама, сепак, бере туѓо гајле

Колумнисти:

Стојан АНДОВ
Фактот што Пимен мора да нѐ потсети, зборува дека не само нашата православна црква, туку и ние македонските православни верници остануваме збунети пред моќниот развој на светот, и со тоа го доведуваме во прашање и нашиот религиски идентитет, бидејќи пред ветриштата на иднината, сѐ почесто покажуваме дека сме немоќни.

Александар ТОРТЕВСКИ
Како може државата да позајмува кредити кои банките ги обезбедуваат од штедните влогови на граѓаните!? А за сигурноста на тие штедни влогови гарантира државата која секојдневно ги троши! Некако ми личи дека гарантот е банкрот.

Ана ПАНОВСКА
Кај ти беше, бе, Тошо, „учителот“, што те извиси, што те остави сам да паднеш жртва на браникот на „слободата“. Ааа?! Се појавил и дал изјава?! Ги повикал институциите на системот да ги откријат сторителите?! Така, меко, смушено, да не претера, да не го налути Али, зашто тој му треба, како леб насушен. Башка му дал беса, машки збор, дека докрај, ама до смрт, ќе му остане верен!

Рамадан РАМАДАНИ
Она што ДУИ и ДПМНЕ го направија со орелот и со крстот е поставување на сетот за снимање филм со намера да се промени контекстот. А дали тоа ќе им успее, не зависи само од тоа дека е тоа очигледно, туку и од вистинска и структурна работа за разоткривање на ова глумење и филмање.

Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Кога власта победувала со големи шашми, Македонија секогаш губела. Дојде време Македонија да победува. Да се стави конечно крај на рецидивот од темните петна од „славното минато“ и лажните четири „светли букви“