ФОКУС ОТКРИВА КОЈ Е ПОТЕНЦИЈАЛЕН И НОВ ЛИДЕР НА СДСМ И ИДЕН ПРЕМИЕР

0
1338

Поради инсистирање на неговата матична партија, поголем број од коалициските партнери и дел од меѓународната заедница, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев привремено ги одложи оставките од двете позиции, во исчекувањето на епилогот дали во декември ќе почнеме преговори со Европската унија, пишува ФОКУС.

Според неофицијални информации на Фокус, без оглед на исходот на надворешно-политички план, Заев е решен дефинитивно да се повлече од двете функции на почетокот на следната 2022 година, кога ќе се заокружат постапките за избор на нов премиер и особено за нов партиски лидер.

Како што велат владини извори, иако првично се разгледувала идејата новиот премиер и новиот лидер на СДСМ да бидат различни личности, сепак, донесена е одлука двете функции да се спојат во една личност, која ќе го преземе товарот и одговорноста во време на партиска криза, но и на криза во државата на економски, енергетски, здравствен план.

Добро упатени извори посочуваат дека после изминативе локални избори, на кои СДСМ доживеа убедлив пораз од ВМРО-ДПМНЕ, повеќе од 10 имиња се разгледувале и анализирале во комбинација за нов премиер и за нов партиски лидер, при што некои биле во игра само за едната, некои само за другата функција, а некои и за двете заедно.

Во изминативе денови, во контекст за трката за нов лидер на социјалдемократите неофицијално се споменуваа многу имиња: Дане Талески, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бојан Маричиќ, Јован Деспотовски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Сања Лукаревска, Венко Филипче…

Но, како што дознава Фокус, најсериозен кандидат за наследник на Заев и на двете позиции не е ниту еден нив, туку тоа е Димитар Ковачевски, кој моментално е заменик-министер за финансии и воедно член на Извршниот одбор на СДСМ.