Филипче: Спремни листите на здравствени работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат

0
685
Министерот за здравство Венко Филипче на барање на телевизија Телма, говореше за Националната стратегија за вакцинација која ја изработија Министерството за здравство и Националната работна група за вакцинација, а Владата ја усвои на 26 јануари 2021 година. Стратегијата е изработена врз основа на постојните препораки и основните принципи на СЗО, Стратешка советодавна група на експерти (SAGE), Организација COVAX и регулаторни тела за EMA и FDA, како и релевантни национални институции и комисии во земјата. Овој документ постојано ќе се ажурира и ќе се обликува според препораките специфични за вакцините кои се развиваат низ целиот свет и во земјата и затоа не треба да се смета за конечен.
Како што соопшти Министерството за здравство, според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази.
Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
-Како приоритет здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму кадешто се аплицираат вакцините. Во однос на останатите граѓани, согласно возраста и хроничните болести веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а преку системот „Мој Термин“, истакна Филипче.
Тој потенцираше дека последната препорака е дури и граѓаните кои биле заболени после месец дена без разлика дали имаат или немаат антитела да се вакцинираат. Единствената контраиндикација за вакцинација е да имаат некаков симптом на болеста и само во тоа сценарио граѓанинот нема да се вакцинира.
Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход кои не се опфатени во фаза I, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Понатаму, здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.
Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.
Во однос на вакцинирањето, развиена е безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови кадешто ќе се спроведува вакцинацијата. За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем.
За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување на соодветни ладилници од страна на Министерството за здравство. Ваков тип на ладилници ќе овозможи централно складирање на вакцините, од каде ќе се врши дистрибуција до вакциналните пунктови. Со цел запазување на ладниот ланец на вакцините кои се под температурен режим на  70°С или -20°С изготвено е детално Упатство за прием, ракување, складирање и дистрибуција на вакцините.
За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се Превентивните служби за имунизација во рамките на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и Епидемиолошките служби во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.

-Вакцинацијата е само една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата. Другите мерки – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена на рацете, заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД 19 и сузбивање на пандемијата, се вели во соопштението од Министерството за здравство