Филипче потврди дека има препорака за отворање на аеродромите и границите

0
780

Комисијата за заразни болести предлага да се отворат границите без ограничувања, но и да се отворат аеродромите, потврдува и министерот Венко Филипче за Фактор. Владата денеска треба да одржи седница, која е закажана за 15 часот, но засега нема информации дали за ова ќе се дискутира на оваа седница.

Тој вчера кажа дека за тоа дополнително ќе биде разговарано денеска, а одлуката за релаксирањето ја правдаше со тоа што по подолго време е јасно дека вирусот е овде и треба да се навикнеме на новата реалност.

„Епидемијата е сè уште во полн ек, состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно нè води до заклучок дека вирусот е тука, ќе мора да продолжиме да живееме со него и да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, туку и следната. Сметам дека е важно сите општествени чинители активно да се вклучат во пренесување на вистинската информација, а тоа е додека вирусот е тука меѓу нас, мерките кои се воведени мора да се почитуваат. Со почитување на мерките, маска, дистанца, дезинфекција, се штитиме самите себеси и сите околу нас“, рече Филипче.

Од Комисијата за заразни болести претходно за Фактор изјавија дека пред да се даде препораката за отворање на границите целосно, се уште размислуваат како да се одвива целиот процес.