Филипче: Онлајн-настава е ставот на Комисијата, освен за првачињата

0
864

Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

– Стравувавме во оваа ситуација, на есен, кога не знаеме што може да нè чека и со што се соочуваме, како и сите земји во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија – изјави Филипче во вестите на ТВ Канал 5.

Притоа тој посочи на опасностите за ширење на заразата за време на транспортот од и до училиштата, потоа комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории и ходниците.

Овој став денеска, рече Филипче, го презентирал на седница на Владата и додаде дека дискусијата сè уште трае и очекува Владата за неколку дена да го донесе конечниот заклучок.

– Дефинитен став, имајќи ги предвид и сите други аспекти на Министерството за образование и наука, верувам дека Владата ќе заземе дефинитивен заклучок во следните неколку дена, рече Филипче.

Состанокот на Комисијата за заразни болести со претставници на МОН денеска беше одложен за утре, а протоколите за начинот на реализација и моделите на настава беше најавено да бидат соопштени на 10 август.

Министерот за здравство соопшти дека за утре е закажан состанок на Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за труд и социјална политика на кој ќе ги разгледуваат протоколите за работа на градинките.