Филипче на средба со ЗНМ и со ССНМ: Новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат во втората фаза како дел од виталните институции

0
701

Почитувани,

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска оствари средба со Младен Чадиковски претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Драган Секуловски извршниот директор и Тамара Грнчароска и Павле Беловски членови на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници (ССНМ).

На средбата се разговараше за важноста новинарите да бидат дел од приоритетните групи за вакцинација против КОВИД-19 поради природата на нивната работа и големиот ризик на изложеност на овој вирус.

Министерот Филипче на средбата информираше дека согласно Националниот план за КОВИД-19 вакцинација, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек.

Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и он-лајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.

Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство. Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели.

Со почит,

Одделение за односи со јавноста

Министерство за здравство