Филипче – Брнз: Соработката со САД овозможи зголемување на бројот на дневните тестови за ковид

0
731

Министерот за здравство Венко Филипче, при денешната посета на реновираниот дел во лабораторијата при Институтот за јавно здравје, и се заблагодари на амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз за нејзиното, како што рече, несебично залагање да помогне уште од почетокот на пандемијата во зајакнување на нашиот здравствен систем.

„Благодарение на Амбасадата на САД ќе имаме кабинет со биосејфти ниво 3 во делот на микробиологијата. Тоа ќе биде уште едно зајакнување и уште еден чекор напред во квалитетот на здравствената услуга која се дава и во технологијата за работа – рече министерот.

Тој потенцираше дека од почетокот на пандемијата во лабораторијата на Институтот немало ниту еден инфициран вработен, бидејќи се придржувале до препораките за заштита.

„Во оваа лабораторија, во која беа извршени првите тестови за коронавирусот и кон која, беше најголемиот притисок од пациенти од целата држава, започнаа да прави по 20 тестови на ден, а сега се прават и по 1 200 тестирања – рече Филипче.

Амбасадорката на САД, Брнз, рече дека работата на експертите, стручните лица и техничари во овие простории е клучна и навистина значајна во справувањето со пандемијата.

Посочи дека она што го виделе денеска е импресивно и со задоволство може да каже дека дополнителните капацитети добиени со ова реновирање доаѓаат како резултат на соработката меѓу Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави, Министерството и Институтот.

„Работевме заедно, чекор по чекор, за да обезбедиме навремени одлуки за клучни проекти што ќе помогнат во подобрувањето на можностите за тестирање на оваа земја. Горда сум што можеме да ги видиме резултатите од научната соработка помеѓу Институтот и Центрите за контрола на болести во САД, за обезбедување обука и опрема, како овде денес така и во дневните извештаи од Министерството за здравство – рече Брнз.

Фактот што во последниве недели се прават повеќе од 1 700 тестови дневно е реузлтат на доброто работење, рече американската амбасадорка.