УШТЕ ЕДНА ЛАЖНА ХИСТЕРИЈА ПУКНА КАКО МЕУР ОД САПУНИЦА – Заев: Сите правни субјекти и здруженија кои не се финансирани од државата можат слободно да го користат терминот Македонија

0
1605

Употребата на терминот Македонија е дозволена, но во формулацијата на барањата и во начинот на одобрување, мора да се почитуваат Уставот и Преспанскиот договор и законите за ратификација на Договорот, вели премиерот Зоран Заев.

– Бојан Маричиќ како министер за правда има издадено многу решенија на здруженија на граѓани коишто го користат терминот Македонија и тоа е јасно согласно Преспанскиот договор, согласно Уставот, согласно Законот за ратификација на Преспанскиот договор и слично. Се работи за внатрешна и меѓународна употреба. Се работи за почитување на Уставот во самиот дел на давањето на документите. Така што, јасно е тоа што е утврдено согласно Преспанскиот договор, а согласно тоа и со законите во нашата земја, Употребата на терминот Македонија е дозволена, но секако во формулацијата на барањата, во начинот на одобрување, мора да се почитува она што значи законодавство во државата, изјави Заев во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата со премиерот Заев по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.

Според Заев, доказ за тоа се сите претходни документи што Министерството за правда пред и за времето на Бојан Маричиќ како министер, ги има дадено како одобрение за користење терминот Македонија, затоа што тоа е јасно определено и прецизирано во Преспанскиот договор.

– Напоменувам правните субјекти, здруженија на граѓани коишто не се финансирани од државата можат слободно да го користат терминот Македонија. Државата, официјалните институции и сите јавни институции треба целосно да го користат Договорот од Преспа и да го почитуваат Уставот, а тоа е Република Северна Македонија. Сите приватни ентитети коишто се финансираат од државата и се претставуваат надвор од државата, го користат Северна Македонија, тоа е јасно определено и по Уставот и по Договорот од Преспа, како и со законите коишто се донесени за ратификација на ваквиот договор, изјави Заев, прашан „дали ќе побара од министерот за правда Маричиќ да ја повлече одлуката за забрана на употреба на терминот Македонија“.