Уште една Грујова инвестиција РИКНА : „Вистеон електроникс“ пред затворање, фрчат откази за вработените?

0
2806

Се делат откази во компанијата „Вистеон електроникс“, некогашен „Џонсон Контролс“, компанијата го редуцира производството, тврдат доброупатени извори за 24 вести.

Дел од медиумите веќе објавија дека се отпуштени две третини од вработените, а нашите извори тврдат дека до крајот на годинава компанијата ќе ги затвори погоните во слободната индустриска зона – Бунарџик.

„Да, точно е дека си заминуваат. Компанијата го намалува бројот на вработените, а производството полека се запира.“ – велат извори за 24 вести.

Всушност, „Вистеон електроникс“ тоа го најави минатата година, велат извори за телевизијата.

Американската инвестиција која денес работи под името „Вистеон електоринкс“ лани најави дека до крајот на годинава ќе го затвори бизнисот во Македонија поради вишок капацитети во европското производство, но денеска од таму не сакаа да потврдат дали најавите се исполнуваат. 24 вести направи неколку обиди да стапи во контакт со официјални лица на компанијата преку службените телефони кои се јавно објавени, но безуспешно.

Од „Вистеон електроникс“ пред неколку месеци изјавија дека во тек се преговори со трета страна за можно купување на погоните во Скопје.

„На 1 јуни, Вистеон ги информираше вработените во својата фабрика во Скопје дека компанијата има намера да ја стопира работата на погоните кон крајот на 2016 година, поради вишокот капацитети во европското производство на компанијата“, изјавија од компанијата лани во септември.

Иако од компанијата најавија дека се преговара со заинтересирана компанија за купување на капацитетите, се уште нема информација дали е договорена продожба на нов инвеститор кој би ги задржал вработените. Инаку, во некогашниот „Џонсон Контролс“ работеа 320 лица.

Некогашниот Џонсон Контролс во Бунарџик беше отворена во 2006 година, а веќе следната година компанијата доби 8,8 милиони евра финансиска помош од државата. Меѓу поволностите што државата им ги нуди на странските инвеститори е и ослободување од плаќање персонален данок на доход во првите 10 години. „Вистеон електроникс“ годинава навршува точно 10 години од стартување на погоните.

Дел од економистите изминативе години предупредуваат на одлив на странски инвестиции од земјава, откако ќе ги искористат поволностите на државата. Меѓу економистите оваа појава е позната како инвеститори скокачи.

Инаку, под прашање се ставени неколку големи инвеститори земјава. Пред извесно време турскиот текстилен гигант „Веибо груп“ почна да дели откази во Скопје, а од фирмата потврдија дека инвестицијата во слободната зона во Ранковце е ставена во мирување и дека го разгледуваат српскиот пазар. Пред неколку месеци се појавија и проблеми во рускиот „Продис“ со неисплата на плати, а слични обвинувања имаше и во компанијата „Дрекселмајер“.