Уметноста одамна не живее тука

0
1133

или

Уметноста на нашето време (6)

17.

Добро – можеби грешам? Можеби нешто сепак ќе остане од денешнава „уметност“ и „култура“? Би требало, барем, да остане искуството како не треба да се работи, што не треба да се прави во културата и уметноста, како државата не треба да се плетка каде што не ѝ е местото, итн.

Веќе претходно спомнатиот Курејши вели дека уметникот не е обичен човек. Туку, вели, дека „вистинскиот уметник е ѓаволот, кој се мери со Бога по креативноста, дури се обидува и да го надмине“! Меѓу луѓето токму уметникот е отстапникот, оној кој со неговата имагинација ги премостува разумното и неразумното, мечтите и светот. Тој е оној кој предизвикува неволји кај владетелите и великодостојниците, оној од чиј збор и/или слика се плашат големите, зашто „тие ги раздвижуваат нештата со лажицата на вистината и опојот на вообразбата и магијата“. Токму затоа уметникот е несакан и прогонуван, забрануван и затворан, осудуван и замолчуван… Така било, така и ќе биде! Освен кај нас. Тука уметникот и власта се едно, едномисленици и пајташи, ортаци и баџанаци, заедно сркаат од една чинија, некој повеќе некој помалку. Лажицата на вистината е заменета со ножот на предавството!

Затоа ние и немаме уметници. И немаме Уметност. Имаме нешто што преку ден ја навлекува маската на лагата преправајќи се дека е Уметност. А навечер, под закрилата на ноќта, распашано слави со властелините низ крчмите. Затоа немаме ни современа уметност, нешто барем налик на уметност на денешнината – по форма и по израз – што ќе проговори на јазикот на вистината за нашето секојдневие.

18.

Друга работа е што нашиве меѓу себе се сметаат за уметници. А така ги гледа и есапи и власта. Дури и онаа од Театарот на коме(н)дијата, онаа која смета дека задача на уметноста денес е за 8 март да ги врати жените од кафеаната во – театар. За неа уметноста е – циркус. А не прашува зошто воопшто луѓето избегаа од театарот во кафеана? Од неа и такви како неа!

Уметноста, за жал, не може да ги поправа туку така нештата. Особено не преку ноќ и не преку една претстава. Дури и да е најдобрата. А нејзината не ќе да е таква. Едноставно – не може да биде. Зашто е нејзина! Како што впрочем не можеше ништо квалитетно да се роди од овие партиски „уметници“ цели десет години. Да можеше – ќе го видевме. Од нив може само да се изроди! Уметноста, и сѐ околу неа.

Кај нас, денес, современата уметност значи бегање од реалноста во циркузот на популизмот или во копањето по историјата, по туѓите матрици. Како може современа матрица да биде матрицата од пред два-три века? Како може современиот уметник, дури градител, да мисли со умот на оној од времето на осумнаесеттиот или деветнаесеттиот век? Или како може модерната уметност да се пропагира преку факсимили? Па нека се и од Пикасо?! И младите стоеле во редици за тоа? Не, стојат во редици зашто немаат што друго да видат, зашто сѐ друго што наликуваше на модерно и современо се запусти во државава! Зошто не стоеја во редици да ги гледаат идиотскине Александар и Роксана на платнана на попаленион Сарајлија?

Ние дури и самите си доделуваме „меѓународни“ книжевни награди и приредуваме изложби на „европски“ уметници кои се осмелиле да отидат во некое свирипичино!

19.

И сето тоа е во контекстот на нашево совремие, би рекол некој. И веројатно би бил во право зашто во вакви услови, во ваква средина, ништо подобро и не може(ше) да се очекува. Да се посакува – можеби, но тоа, се покажа, беа само пусти желби. Кај нас директорите на националните институции со нокти си го бранат Министерството за (не)култура: не смее влакно да им фали на тие полуписмени безделници! Или седат во нивни комисии во коишто си ги дерогираат правата на своите институции. И патем кршат закон!

И сето тоа е кај нас нормално, зашто ненормалното ни стана стил на живот. И на мислење. Тука веќе нема место за Уметност. Одамна!

 

(Преземено од Теодосиевски уметност)

Пишува : Златко Теодосиевски, историчар на уметност